Sinan Balcıkoca
09 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
БУРСА (АА) - СИНАН БАЛЏИКОЏА -
Неколку жени во турскиот град Бурса направија гест достоен за сето внимание со тоа што одлучија да помогнат во згрижувањето и заштитата на уличните кучиња, пишува Агенција Анадолија (АА).
Тие го основале Здружението „Чувари на природата“ (Patisev), во рамките на кое се грижат за скоро три илјади улични животни на три фарми.
Мефарет Озмез, Сонај Илери и Бејза Гурбечи и претходно се грижеа за животните, а пред три месеци решија да формираат здружение и заеднички да ја продолжат борбата за помош на напуштените миленичиња.
На фармите тие се грижат за животните со тоа што ги хранат, им носат вода, а повредените ги хранат со сопствени раце, што некако потсетува на искрена мајчинска љубов.
Претседателката на Здружението, Мефарет Озмез, за АА изјави дека се обидуваат на сите начини да им помогнат на животните, поради што се пресреќни.
„Веќе речиси 20 години им помагам на животните. Кога дојдов на оваа фарма тоа беше едно од најубавите чувства во мојот живот. Се надевам дека сите ќе ја почувствуваат оваа љубов кон животните. Волонтерски сме практично мајки на овие миленици“, рече таа.
Сонај Илери, која исто така со години се грижи за животните, изјави дека ужива и одмора додека им помага на напуштените животни.

„Среќни сме кога гледаме дека сме успеале да ги израдуваме животните“, рече Илери.
Бејза Гурбечи, уште една од основачите на Здружението, рече дека е пресреќна што учествува во оваа хуманитарна акција и им помага на животните.
„Внимавам на нив како на мои деца. Имам два сина. Тие се возрасни и сега можат да се грижат сами за себе. Но овие животни не можат и затоа треба да им помогнеме. Чувствувам длабок мир и спокојство кога гледам животни како трчаат наоколу“, рече Гурбечи.
Серап Мумџу, уште една членка на Здружението од Бурса, истакна дека чувствува голема љубов кон напуштените животни.
„Не само овие, ги хранам и животните што ќе ги видам каде било. Среќна сум кога гледам дека и животните се среќни“, рече Мумџу.