ПРИЈЕДОР (AA) - Весна Бешиќ -
Абаз Калушиќ е една од 86-те жртви, кои утре (сабота) ќе бидат погребани на колективниот погреб во Приједор. Ексхумиран е на Кориќанските стени, а конечен мир ќе пронајде по полни 27 години од убиството. Во време на убиството имал 42 години. Зад него останаа и двајца малолетни синови кои долги години по убиството на таткото најдоа храброст да отидат на Кориќанските стени, местото на убиството.
Братот Теуфик, претседател на Меџлисот на Исламската заедница во Козарац и член на Одборот за подготовка на колективните погреби, во разговор за Anadolu Agency (AA) се присети на логорите низ кои поминал со својот брат и останатите членови на семејството, како и на нивната разделба на 20 август 1992 година.

„Кога е во прашање ова џеназе (погреб) и погребување, мислам дека овој пат е повеќе емотивно бидејќи ќе го погребам мојот брат. Од 2003 година знаеме дека е убиен на Кориќанските стени. Никогаш не можеме да бидеме задоволни бидејќи не можеме да дојдеме до комплетни тела. Кај мојот брат нема ̓рбет, нема ребра...“, појасни Калушиќ.
И Теуфик бил со братот кога, како што рече, ги „собрале“ од куќите и ги однеле во логорот „Кератерм“, а потоа во Трнопоље.
„Тогаш еден ден од Приједор тргнал конвојот и дошле со еден автобус и бараа доброволци за заминување. Успеаја да влезат речиси 100 лица и со таа група беше и мојот брат. Него го влечеше тоа што имаше двајца малолетни синови“, раскажа Кулашиќ.
Додека раскажува го покажува каменот на кој е испишано името на неговиот брат на Спомен-обележјето во Козарац и говори за денот кога Абаз одлучил да тргне во конвојот кон, како што им кажале, слободната територија.
„Убиен е на 20 август. Никогаш нема да го заборавам тој ден бидејќи веќе на 21 август на радио ги слушнавме првите вести дека се случило големо злосторство на Влашиќ. Веднаш го поврзавме тоа со тој конвој и со луѓето кои тргнале кон слобода“, рече Кулашиќ.
Сокривањето на коските го смета за дополнително злосторство. Потсети и дека семејствата на жртвите секоја година на 20 август заминуваат на Кориќанските стени за да оддадат почест на жртвите и да одбележат уште една годишнина.
„Сосема случајно поминавме покрај таа мала гробница, а тоа не го знаевме бидејќи душманите ја покрија со камења. Многу семејства не ни дочекаа да ги погребаат остатоците од членовите на семејството“, појасни Кулашиќ.
Смета дека е важно потомците, двата сина од неговиот брат Абаз, да знаат каде е мезарот (гробот) на нивниот татко.
„Тоа е на некој начин смирување и олеснување, но боли во сите овие изминати 27 години. Сепак, тоа е долг период и имам чувство дека само семејствата имаат интерес да се заврши и да се пронајдат коските“, порача Кулашиќ.
Потсети дека на подрачјето на Приједорската Општина се убиени повеќе од 3.000 не-Срби.
„И понатаму трагаме по некои 700, 800 лица, а свесни сме дека некои никогаш нема ниту да ги пронајдеме“, рече Кулашиќ.
За колективниот погреб, кој на 20 јули оваа година ќе биде клањан во Ведро Поље, подготвени се посмртните остатоци од 86 жртви од Приједор и Котор Варош.
Се работи за жртви од бошњачка националност, чии посмртни остатоци претежно се ексхумирани на Кориќанските стени.
Најмладите жртви, кои оваа година ќе бидат погребани, се момчиња кои во моментот кога биле убиени имале само 19 години: Самир (Садик) Гарибовиќ, Емир (Кемал) Џолагиќ и Сауд (Мехо) Кљајиќ. Сауд ќе биде погребан заедно со својот татко Мехо.
Највозрасната жртва што ќе биде погребана оваа година е Беќир (Адем) Бешиќ, кој е роден во 1931 година.
Оваа година ќе бидат погребани и синот Хајрудин и Јасмин Елезовиќ, браќата Един и Емир Елезовиќ и Фахрудин Елезовиќ.
Заедно ќе бидат закопани и татко и син, Шериф и Зафир Бајриќ, и браќата Зулиќ, Мирсад и Суад, браќата Јакуповиќ, Армин и Дедо, браќата Грабиќ, Мустафа и Вејсил, и браќата Сивац, Неџад и Един.
По колективниот погреб, посмртните остатоци на жртвите ќе бидат погребани во различни мезари, а во согласност со желбите на нивните семејства. Најголемиот број од жртвите, 68, ќе бидат погребани на Шехидските мезари „Камичани“, додека останатите во Шехидските мезари „Чараково“, „Хамбарине“, „Бишчани“, „Скела“, „Ризвановиќи“ и на Шехидските мезари „Дабовци“ во Котор Варош.