Vesna Besiç
08 Јули 2016•Ажурирај: 09 Јули 2016
САРАЕВО (АА) - Фатима Ахмиќ е една од среќните кои преку шумите успеале да ја напуштат Сребреница и да дојдат до слободна територија, Кладња или Тузла. Го преживеа геноцидот над несрпското население 1995 година во Сребреница. На „Патот на смртта” тргнала со синовите Мирсад и Сеад и мажот Хасиб. Мирсад кој тогаш имал 19 години, не преживеал. Синот Сеад имал само 17 години и на слободната територија дошол шестиот ден.
Живееле во Братунац, но отишле до Сребреница како и големиот број на Братунчани.
Фатима 13 дена била во шумите, опкружена со мртви и ранети, без вода и храна. Но, успеала. Во разговор за АА во куќа во сараевската населба Буќа Поток се присети на тој пат пред 21 година.
„Тргнав со мажот и двата сина на 11-ти јули 1995 година. На првата заседа се изгубивме, никој незнаеше за никого. Се пукаше, незнаевме од каде тепаат ”,почна да раскажува Фатима.
- Голгота на семејството Ахмиќ -
Меѓу мртвите лежела се до утрото, а по тоа меѓу мртвите ги барала своите деца и мажот.
Не ги пронашла таму туку во наредните денови на талкање по шумите околу Сребреница. Меѓу преживеаните се наоѓале таа, едно дете и стар човек. Меѓутоа, еден ден тие двајца отишле да ја видат ситуацијата и никогаш не се вратиле. Таа останала сама.
„Третиот или четвртиот ден ги пронајдов децата и како повторно да се родив. Постариот син Мирсад беше во единицата и постојано ми велеше дека ќе се грижи за Сеад. Повторно ги изгубив. Сеад ми го зеде некој српски војник од Власеница. Го стави во автобус и тој на слободната територија дојде шестиот ден. Мојот сопруг на слободната територија излезе шестиот ден, а јас по 13 дена ”, раскажа Фатима.
Синот Мирсад беше заробен во Власеница и тука е убиен. Го пронајдоа во 2011 година во гробницата Миршиќи.
Присетувајќи се на првиот ден откако од Сребреница преку шуми тргнале кон Тузла, Фатима рече дека со првиот мрак наишле на заседа.
„Кога бевме во шумата , четниците ни го пресекоа патот. Не нападнаа со првиот мрак. Никој за никого не знаеше. Како што започнаа пукотниците јас легнав и не станував до утрото. Видов катастрофа, сите мртви околу мене. Тогаш почнав да ги барам децата меѓу мртвите. Таму поминав четири дена. Ги барав. Единствено можеше да ги препознаеш по чевлите бидејќи се фрлени отрови и ликот им се менува веднаш”, истакна Фатима.
Според нејзините зборови, првиот колективен погреб во Поточари беше воглавно за децата кои се собрани по шумите.
Со денови била таму.
„Тоа никогаш не може да излезе од мојата глава. Што видов? Катастрофа. И без очи и без раце... Во шумата си и гледаш само небо. Јас често велам нека никого не убиле во Сребреница и Поточари, во шумата сигурно убија 3,000 - 4,000 луѓе” , изјави Фатима.
По шумите, раскажа, не одела никогаш. Не знаела да се ориентира. Како таа рече, не знаеш што е лево а што десно.
„Сфатив дека сум близу местото каде е сега куќата на Фата Орловиќ. Таму наидов на една група. Момчињата во воена гардероба зборуваа со мене со знаци. Ми рече да кажувам молитва, а јас не знам ништо. Му реков малку да почека, а тој ми стави пушка под врат. Му реков дека сум сестра на Сакиб и дали го знае. Рече дека го знае. Ми рекоа дека одат во Жепа и дека можам да одам со нив ако сакам ”, се присети Фатима во разговорот за АА.
Меѓутоа, се вратија на истото место од каде тргнаа од Сребреница.
- Луѓето јадеа и дрво -
„Немаше место каде што немаше мртов човек. Се движевме ноќе. Дојдовме во близина на Кладља но и тој што одеше не го знаеше патот. Ориентацијата му беше далеководот. Никој ништо ни јадеше ни пиеше. Имаше и такви што јадеа ежеви на патот. Јадеа и дрво. Јас не јадев. Немаше ни вода. Од толкава шума да нема вода. Излегов 13-от ден, а ништо ниту јадев ниту пиев” , нагласи Фатима.
Она на кое се секогаш се сеќава е едно момче на кое му била разнесена раката.
„Ми беше жал. Веднаш штом ќе се спушти на земја тој заспива. Ми беше жал да го будам кога требаше да тргнеме. Имав блуза на себе но ги искинав сите ракави бидејќи му ја превивав раната. Најтешко ми беше кога требаше да го будам. Еднаш ми рече да не го будам и да го пуштам да умре таму. Му реков дека сакам да го извадам него кога моите деца ги нема”, раскажа Фатима.
Преживеал и го видела во Живинице по преминувањето на слободната територија.
Никогаш не спиела. Само се движеле бидејќи се грижеле некој да не ги фати на спиење и да ги заколе.
„Во шумата ништа не се гледаше. Ако не се фатиш за ранец или гардероба ќе удриш во дрво. Недај боже да се случи повторно”, порача Фатима плачејќи и гледајќи во фотографијата на синот Мирсад.
Тоа е фотографија од седмо одделение која некој и ја донел бидејќи се останато во родната куќа во Братунац.
„На сликата нема половина од овие деца. Сите се убиени. Само тројца се живи. Мирсад беше отсекогаш насмеан. Би се извлекол да не чекаше еден негов пријател. Не сакаше да го остави. Така Господ сакал.Кога го пронашле во гробницата бил заврзан со жица и имал прострелна рана” , раскажа Фатима.