Kayhan Gül,Amina Zorniç
14 Декември 2015•Ажурирај: 15 Декември 2015
САРАЕВО (АА) - Годините не ги избришаа трагите на војната во Босна и Херцеговина, кои и дваесет години по потпишувањето на Дејтонскиот договор се видливи на зградите, улиците, парковите, најмногу во главниот град на таа земја, Сараево.
Фоторепортерот на Anadolu Agency (АА) ги забележа кадрите од Сараево и уште неколку други градови на БиХ, кои носат воени траги и денес, точно 20 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор. Трагите на фасадите на зградите и „сараевските ружи“- местата на експлозија на топовските проектили и денес им привлекуваат внимание на посетителите на Сараево.
Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, попознат како Дејтонски мировен договор потпишан е на денешен ден во 1995 година во Париз со што е завршена четиригодишната војна во БиХ.
Дејтонскиот мировен договор го потпишаа претставниците на трите страни во БиХ, претседателот на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ, на Србија Слободан Милошевиќ и на Хрватска Фрањо Туѓман, во присуство на светските сили, пред точно 20 години, на 14-ти декември во париската палата Елисеј.
„Ова не е праведен мир, но е поправеден од продолжувањето на војната. Во ваква ситуација, и во ваков свет каков што е, подобар мир и не можеше да се постигне“, рече Алија Изетбеговиќ по церемонијата на потпишување на Дејтонскиот договор во Париз.
Претходно, Дејтонскиот договор на 21-ви ноември 1995 година е парафиран во базата Wright-Patterson, во близина на Дејтон, во американската држава Охајо.
Овој договор е резултат од дипломатската иницијатива на американската влада кој ја започна тогашниот посредник Ричард Холбрук во време на кампањата на тогашниот американски претседател Бил Клинтон.
Ќе остане запомната изјавата на Холбрук, творецот на Дејтонскиот договор: „Да не беше Алија Изетбеговиќ, денес не би постоела ниту Босна и Херцеговина“.
Според Дејтонскиот договор, кој значеше крај на војната во БиХ која започна во 1992 година, земјата ја сочинуваат два контитутивни ентитети - Република Српска и Федерација БиХ. Формиран е и дистриктот Брчко како посебна територијална единица.