Yavuz Karaduman
14 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
ТЕКИРГАГ (АА) - Јавуз Карадуман - Дека љубовта не познава место, време, ниту граници, доказ е слепата двојка Каније (66) и Ибрахим Јентурк (72), кои својата голема љубов ја доживуваат во старечки дом во Турција.
Тие се запознале во старечкиот дом во местото Чорлу во Текирдаг. Со оглед на тоа што не можат да се видат, љубовта се родила од комуникација. Разговарајќи дознале сѐ еден за друг и станаа пример за искрена љубов.
Оваа година ја прославуваат и седмата годишнина од бракот. Среќното „љубовно гнездо“ го формираа во старечки дом. За првите денови од љубовта што не познава граници зборуваа за Anadolu Agency (AA).
Каније го изгубила видот уште во детството. Во 2010 година била сместена во старечки дом. Од првите денови, еден глас многу влијаел на неа. Било доволно да чуе само една реченица за да започне големата љубов: „Добредојде госпоѓа Каније“.
Таа имала брак зад себе, разведена е веќе 38 години. Меѓутоа, како што изјави, по многу години добила шанса за доживување на „втора пролет“.
„Откако се запознав со Ибрахим, заедно пиевме чај, се дружевме. Го прашав дали сака да се ожени со мене и добив позитивен одговор“, вели Каније.
Венчавката била во старечкиот дом, а оваа среќна жена изјави дека тогаш по вторпат впловила во брачните води. Според нејзините зборови, тие имаат многу среќен брак, исполнет со љубов и почитување.
„Бракот со Ибрахим е многу убав. Седум години сме заедно. Сѐ уште не сме се скарале, а и нема да се скараме. Зошто да страдаме во овој преубав свет. Секој ден ни е убав. Сопругот станува наутро и прави чај. Потоа ме буди. Извршуваме молитва, па појадуваме. Многу сме среќни“, порача Каније.
Ибрахим видот го изгубил во несреќен случај. Пред седум години за првпат впловил во брачните води. Како што вели тој, по склопувањето на бракот се чувствува како да се родил повторно.
„Во 1966 година останав без вид. Животот го живеев како мртовец. Меѓутоа, 46 години подоцна ја запознав Каније и тогаш се родив повторно“, раскажува овој 72-годишник, кој пред бракот секогаш ја избирал самотијата.
Дури во бракот животот за него добил некаква смисла.
„Мојот живот почна да има смисла со Каније. Претходно не можев да спијам, да јадам, но сега имам многу среќен живот. Многу ја сакам“, порача Ибрахим.