КУМАНОВО (АА) - Адмир Фазлагиќ / Бесар Адеми -
Дека вистинската љубов не познава граници и посилна е од сите бариери, сведочи познатата љубовна приказна на македонскиот граничен полицаец Боби Додевски (35) и Нора Аркавази (20), бегалец од Ирак.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), Боби и Нора несебично ја споделија својата љубовна приказна, раскажувајќи го моментот на нивното запознавање, до нивната одлука да запливаат во брачните води.
Како што раскажуваат и двајцата, ниту помислиле дека транзитно-прифатниот камп за бегалци во Табановце, на македонската северна граница, каде што работи Боби, а низ кој по својот пат на надежта требало да помине Нора, ќе биде всушност место каде што на прв поглед ќе се роди љубов меѓу овие двајца луѓе.
Младата Нора Араквази раскажа за своето патешествие на кое тргнала во почетокот на 2016 година, од источната ирачка провинција Дијала, кога со своето семејство се упатила кон Европа со цел да пристигнне во една од западноевропските земји. Таа вели дека по влегувањето на територијата на Македонија, со своето семејство останала во Гевгелија само еден ден и потоа се упатиле кон северната граница, во Табановце, за да продолжат понатаму кон Србија.
Утрото кога пристигнала на Табановце, Нора се разболела со висока температура, но во групата од 300 бегалци што тој ден патувале од јужната граница, таа била единствената што зборувала англиски јазик, а била потребна за да ги известува другите бегалци околу ситуацијата.
„Луѓето велеа дека само јас зборувам англиски јазик и ме замолија да прашам некој од полициските службеници кога ќе тргнеме. Прашував, но сите полициски службеници ми одговараа дека само Боби зборува англиски јазик. Јас побарав одговор, но не ми дадоа и ме упатија кон Боби“, вели Нора, објаснувајќи ги првите моменти кога се запознала со полицаецот Боби. Како што истакнува Нора, од првите моменти забележала дека тој е заинтересиран за неа.
И полицаецот Боби Додевски раскажува за тоа како ја запознал сегашната сопруга Нора. Тој вели дека тој мартовски ден не бил на работа, но поради зголемениот наплив на бегалци, шефот го повикал на работа. Како што раскажува Боби, тоа се првите денови откако била затворена таканаречената балканска рута. Организациите што работеа на справувањето со бегалската криза не биле во можност да одговорат на потребите на бегалците, па поради тоа некои од полицајците им помагале.
- Љубов на прв поглед
„Нoра ја забележав на прв поглед. Пред тоа поминувале многу луѓе, никој не ми остави впечаток како Нoра. Не беше до изгледот, имаше нешто посебно во нејзините очи. Таа ме замоли, ме праша: ‘Дали и кога ќе бидат отворени границите', а јас ѝ реков: 'Не се секирај, сѐ ќе биде добро во твојот живот'“, вели Боби. Полицаецот истакнува дека оттогаш почнал да верува во судбината и дека некој од горе го замислил тоа да биде така.
Откако Боби ѝ помогнал на Нора да продолжи кон Србија, таа била вратена назад од страна на граничната полиција на Србија и била сместена во прифатниот камп за бегалци во Табановце, каде што Боби ја вршеше својата должност како полицаец. Нора истакнува дека за време на престојот во кампот им помогнала на активистите и на невладините организации како преведувачка, а по неколку денови работа, Боби ѝ пришол, ја фатил за рака и ѝ рекол дека сака да поразговараат.
„Почнавме да разговараме, но првите две прашања на Боби беа дали имам дечко и дали сум мажена. Јас на двете прашања одговорив дека немам дечко и дека сум сосема слободна, а потоа почнавме разговараме и да се шегуваме“, вели Нора.
По еден месец средби и разговари, Боби побарал од неа да не ја напушта Македонија и да го продолжи нејзиниот живот заедно со Боби во Македонија, а Нора тоа го прифатила без двоумење.
По одреден период на престој во Табановце, Нора со своето семејство заминала во Визбегово, каде што престојуваат лицата што бараат азил. Љубовта кон Нoра поттикнала упорност кај Боби, поради што тој решил да ја побара за да се видат.
„Не можев да се воздржам, немав прстен, немав ништо. Едно време викам Нoра дали би сакала да се омажиш со мене, а таа рече 'да'“, се присетува Боби за моментот кога ја запросил младата Нора.
Иако тој инсистирал да разговара со нејзините родители за нивниот брак, бидејќи сметал дека е важно за тоа да знаат и нејзините родители, Нора тоа не го прифатила. Таа оставила, како што вели, времето да го направи своето.
Нора истакнува дека ѝ се допаѓа Македонија и оти тука не се чувствува како бегалка, бидејќи луѓето во оваа земја се однесуваат како да ја познаваат со години. Таа додава дека веќе формирала круг на пријатели со кои комуницира секојдневно.
„Луѓето што не зборуваат англиски јазик се обидуваат да ми објаснат колку пари треба да плаќам кога сум во продавница. Тие се смеат со мене и се шегуваме. Почнав да го учам македонскиот јазик и никогаш не почувствував дека сум дошла од друга земја, туку се чувствувам како да сум во мојата земја, само што не го зборувам јазикот“, рече Нора.
Нора одредено време работела во Црвениот крст како преведувач, меѓутоа откако се намалил бројот на бегалци нема потреба од преведувачи, па моментално не работи.
Минатата година на 13 јули, токму на роденденот на Нора, оваа двојка се венча во Куманово, кога ја прославиле својата љубов со многубројните пријатели од различни етнички заедници. На свадбата биле испочитувани обичаите и на младоженецот и на невестата.
- Порака до светот за моќта на љубовта
Тие открија дека подготвуваат видеозапис во кој на светот ќе му ја испратат порака за моќта на љубовта.
Велат дека со тоа сакаат сите граници да бидат надминати, бидејќи, како што истакнуваат, религијата треба да послужи за спојување на љубовта, а не за поделби.
„Мене не ми е важно дали човекот на кој му помагам е муслиман, христијанин или од која било друга религија, бидејќи најважното нешто за мене е да му помогнам на човекот да има подобар живот. Најдоброто чувство на светот е да се види насмевка на лицето на човекот кому му помагаш“, вели Нора.
news_share_descriptionsubscription_contact


