Büşra Nur Çakmak
20 Март 2021•Ажурирај: 21 Март 2021
БЕРЛИН (АА) - Европа може да постигне колективен имунитет до крајот на летото со четирите вакцини против коронавирусот одобрени од европските здравствени власти, истакна Угур Шахин, турско-германски научник и извршен директор на „БајоНТех“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за АА по добивањето на највисокиот орден за заслуги во Германија поради развојот на првата вакцина против Ковид-19 во светот, Шахин рече дека новиот бран предизвикан од британскиот сој ќе остане неколку месеци.
„Со британскиот сој заразувањето е побрзо и ние треба навистина да работиме на сите нивоа. Секој мора да се обиде да се заштити себеси и со тоа да ги заштити другите. Ова е единствениот начин за да се контролира пандемијата“, рече Шахин.
„Овој нов бран ќе остане, верувам, неколку месеци. Важно е да избегнеме што е можно повеќе инфекции паралелно и да продолжиме со ширењето на вакцините“, додаде тој.
Шахин рече дека научниците ја постигнале својата цел да развијат безбедна и ефективна вакцина, што го постигнале за помалку од една година.
„Нашата цел за 2021 година е да обезбедиме што повеќе дози. Значи, започнавме да испорачуваме во над 60 земји. И сè уште треба уште многу да работиме“, рече тој.
Одговарајќи на прашањето за примена на дози од две различни вакцини поради недостиг и одлуката на некои земји за запирање на вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“, Шахин рече дека тоа би можело да е возможно, но дека треба да се истестира.
„Велика Британија започна со тестирање. Очекувам дека ова ќе биде објавено многу скоро. Очекувам дека безбедноста не е во костец. Вакцината на АстраЗенека проследена со мРНА-вакцина, би требало да е успешно“, додаде тој.
Шахин рече дека „БајоНТех“ и Турција склучиле договор за 4,5 милиони дози што треба да бидат доставени на крајот на март, и дека компанијата и турската Влада ги продолжуваат разговорите за можноста за испорака на повеќе дози во втората половина на 2021 година.
„Имавме неколку добри разговори со ТУБИТАК за проектите за рак. И ова се разговори кои сè уште се во тек со научниците од ТУБИТАК и научниците од наша страна. И уверен сум дека и ова ќе се реализира. Нема да се реализира сега затоа што сега сме во момент на справување со пандемиска ситуација. Но, тоа е нешто за што дефинитивно сме заинтересирани понатаму“, рече тој.
Германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер, вчера им ја додели на турските научници Угур Шахин и Озлем Туреџи највисоката награда на земјата, Орденот за заслуги, поради развојот на првата ефективна вакцина против Ковид-19 во светот, на пригодна церемонија во палатата „Белви“, на која присуствуваше и канцеларката Ангела Меркел.
Големиот крст со ѕвезда од Орденот за заслуги, што им беше доделен на турско-германскиот научен пар, е една од најистакнатите почести на земјата за оддавање почит на поединци за служење на нацијата.
Шахин и Туреџи се деца на мигранти од Турција, кои се преселиле во Германија во 1960-тите години.
По студиите по медицина тие изградиле успешни кариери во областа на имунологијата за канцер, молекуларната биологија и мРНА-технологијата.
Фармацевтската компанија „БајоНТех“, што брачната двојка ја основа во 2008 година, успеа да ја развие првата ефективна вакцина против коронавирусот во светот заедно со американскиот партнер, компанијата „Фајзер“.