Dmitri Chirciu
17 Септември 2020•Ажурирај: 18 Септември 2020
МОСКВА
- Дмитри ЧИРЦИУ
Во рамките на третата фаза од развојот на вакцината за Ковид-19, во Русија започна вакцинирањето на волонтерите.
Екипата на АА во Москва го сними вакцинирањето на волонтерите со вакцината против Ковид-19 што ја разви Институтот за епидемиологија и микробиологија - Гамалеја.
Со првата регистрирана вакцина во светот, позната и како „Sputnik V“, претходно беа вакцинирани здравствените работници и наставниците кои спаѓаат во примарната ризична група. Во тестирањето на вакцината за која се планира да биде тестирана на 40.000 лица, се премина на вакцинирањето на лицата кои се пријавија како волонтери.
Во врска со вакцинирањето што се спроведува во Градската поликлиника „220“, изјава даде заменик-главниот лекар Владимир Терешченко, кој информира дека во земјата, третата фаза на развојот на вакцината за Ковид-19 започнала на 9 септември.
Зборувајќи дека постоечкиот процес се состои од одредени фази, Терешченко рече дека волонтерите прво го пополниле формуларот што бил објавен на интернет-страницата на Општина Москва.
Терешченко изјави дека волонтерите биле повикани во болницата според дадените одговори во формуларот, додавајќи: „Волонтерите прво ги прегледува лекар. Доколку волонтерот одговара на критериумите, тогаш се прави негова крвна слика, алко-тест и тест за дрога.“
Терешченко, соопштувајќи дека кандидатот се вакцинира во последната фаза, продолжи со зборовите: „Волонтерот по вакцинирањето останува во болницата 30 минути и се испитува неговата состојба. Доколку состојбата на лицето е добра, му се дозволува да замине дома.“
Терешченко информира дека на вакцинираните волонтери им се дава специјален рачен часовник со цел да се следи нивната здравствена состојба, а податоците за нивната состојба пристигнуваат до нив преку интернет.
„Вакцинираните лица не треба да спортуваат, не треба да консумираат алкохол, а можат да пушат малку цигари“, рече Терешченко, додавајќи дека меѓу кандидатите за вакцина, не се вакцинираат лицата со хронични и алергиски заболувања и трудниците.