Zehra Nur Düz
10 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се искачи на 291, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Надлежните соопштија дека во последните 24 часа починале 54 лица, и дека потврдени се 881 нов случај, со што вкупниот број заразени изнесува 8.042“, јави полудржавната новинска агенција ИСНА (ISNA), цитирајќи го портпаролот на Министерството за здравство, Кијануш Џаханпур.
Вкупно 2.731 пациент се излекувани и отпуштени од болниците.
Турција, каде што досега нема случаи на коронавирус, ја затвори својата копнена граница и го суспендираше воздухопловниот сообраќај со Иран минатиот месец.
Освен Кина, Италија и Јужна Кореја, и Иран е една од најпогодените земји од појавата на коронавирусот минатиот декември.
Како дел од своите напори да го сопре ширењето на вирусот, Техеран презеде превентивни мерки, меѓу кои се и затворањето на училиштата и установите за високо образование, откажувањето на спортските настани низ целата земја, како и забраната за напуштање на земјата од страна на владините претставници.
Билансот на починати од вирусот во светски рамки достигна 4.027 лица, со над 114.000 потврдени случаи на вирусот.
Според „Worldometer“, веб-страницата што ги собира најновите податоци за новите случаи, коронавирусот е проширен во над 115 земји и територии, меѓу кои 7.513 случаи во Јужна Кореја, 9.172 во Италија, 7.161 во Иран, 530 во Јапонија, 1.412 во Франција, 729 во САД и 321 во Велика Британија.
Како дел од напорите за спречување на ширењето на вирусот, властите ги затворија границите и ги прекинаа копнените и воздушните патувања со земјите кои се најтешко погодени.