Riyaz Khaliq
17 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
АНКАРА (АА) - Во услови на ширење на коронавирусот низ светот, во кинескиот град Вухан во изминатите 24 часа регистриран е само еден потврден случај на коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Националната комисија за здравство на Кина денес потврди 21 нов случај на Ковид-19 во земјата, од кои само еден во градот Вухан“, објави новинската агенција „Синхуа“.
Околу 13 лица починаа од вирусот, 12 од нив во покраината Хубеи - епицентарот на епидемијата.
Коронавирусот за првпат беше откриен во градот Вухан, главниот град на Хубеи, во декември минатата година. Се рашири во над 150 земји и територии, и од него починаа над 7.100, додека 182.725 лица се заразени.
Кинеската комисија за здравство истакна дека од појавата на коронавирусот досега починале 3.226 лица, а 80.881 лице се заразени.
- Хонгконг го продолжува прекинот на наставата во училиштата -
Автономниот Регион на Кина, Хонгконг, денес соопшти дека училиштата ќе останат затворени подолг период од првично планираното.
На прес-конференцијата, челничката на Хонгконг, Кери Лам, рече дека е невозможно да се продолжи со целосна настава на 20 април поради моменталната состојба со коронавирусот, пишува весникот „Хонгконг фри прес“ (Hong Kong Free Press).
„Ќе започнеме со најстарите ученици во средното [образование], така што шансите децата од пониските одделенија да почнат со училиште во рок од еден до два месеци се доста слаби”, додаде таа.
Кинеската здравствена комисија соопшти дека до синоќа во Хонгконг има 157 потврдени случаи, вклучувајќи и четири смртни случаи, 11 потврдени случаи во Макао и 67 во Тајван, каде што има и еден смртен случај.