Hamdi Yıldız
30 Мај 2020•Ажурирај: 01 Јуни 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Градовите Гат и Гадамис во југозападна Либија се затворени за влез и излез како дел од борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комани Мухамед Салих, градоначалникот на градот Гат што се наоѓа близу границата со Алжир, преку соопштение истакна дека границите на градот ќе бидат затворени 10 дена.
Градскиот совет на градот Гадамис, кој се наоѓа на југот од земјата, исто така, одлучи да го затвори градот за влез и излез во наредните 15 дена. Во соопштението се наведува дека одлуката нема да важи за итни случаи на болни.
Мерката е донесена по еднонеделната одлука за полициски час во градот Себха, откако коронавирусот беше откриен кај 25 лица.
Во последната изјава на либиските власти во врска со градот Себха, наведено е дека во градот се евидентирани 13 нови случаи со Ковид-19. Со новите случаи, градот се смета за центар на епидемијата во Либија.
Според изјавата дадена од Националниот центар за борба против болести, во градот биле тестирани 423 лица и се откриени 13 нови случаи.
Според најновите податоци, во Либија регистрирани се 118 случаи со Ковид-19, а од вирусот починаа 5 лица.