Dmitri Chirciu
04 Мај 2020•Ажурирај: 04 Мај 2020
МОСКВА (АА) – Во Русија, во последните 24 часа бројот на починати од новиот вид коронавирус, Ковид 19, се искачи на 1.356 лица, додека бројот на заразени се зголеми на 145.268, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Центарот за контрола и превенција на инфекциите од коронавирусот во Русија, бројот на заболени од Ковид-19 достигна 145.268, со зголемување од 10.581 лице во последните 24 часа.
Бројот на починати се зголеми за 76 во последните 24 часа, со што вкупната бројка на починати се зголеми на 1.356.
Од друга страна, бројот на излекувани пациенти во земјата се искачи на 18.095, од кои 1.456 лица во последните 24 часа.
Наведено е дека 50,6 проценти од новите случаи немале никакви симптоми, а дневната стапка на раст на бројот на заболени е 7,9 проценти.
- Во Москва бројот на случаи со Ковид-19 надмина 74.000 -
Во Москва, во последното деноноќие дијагностицирани се 5.795 нови случаи со коронавирусот, со што вкупната бројка се искачи на 74.401.
Руската служба за заштита на човековото здравје и правата на потрошувачите информира дека приближно 217.000 луѓе се задржани за надзор и дека досега се извршени над 4.300.000 илјади тестови. Во последните 24 часа извршени се 183.000 теста за Ковид-19.
- Бројот на случаи во руската Армија и воените училишта надмина 3.000 -
Во соопштението на руското Министерство за одбрана се истакнува дека во Армијата се регистрирани вкупно 1.254 случаи со коронавирусот, со зголемување за 77 во последните 24 часа.
Наведено е дека во Армијата, Ковид-19 е откриен кај 322 цивилни службеници, а во училиштата поврзани со Министерството за одбрана кај 1.437 ученици и наставници. Исто така, истакнато е дека 187 лица се излекувани.
- Првиот случај со Ковид-19 во Русија е регистриран на 31 јануари -
Во Русија првиот случај со Ковид-19 беше регистриран на 31 јануари кај двајца кинески државјани во регионите Тјумен и Трансбајкал, јужно од Сибир.
Првиот смртен случај од Ковид-19 се случи на 19 март, кога почина 79-годишна жена во Москва, главниот град на Русија.