Elena Teslova
26 Мај 2020•Ажурирај: 27 Мај 2020
МОСКВА (АА) - Русија денес пријави највисок дневен број на починати од коронавирусот Ковид-19, 174 нови смртни случаи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на починати од вирусот на национално ниво се искачи на 3.807.
Бројот на оздравени лица e исто така најголем од почетокот на епидемијата, надминувајќи го бројот на новозаразени. Рекордни 12.331 излекувани се регистрирани во изминатите 24 часа наспроти 8.915 новoоткриени случаи, потврдени во истиот период.
До денес, во Русија од Ковид-19 се лекуваат вкупно 362.342 лица, додека над 131.129 се успешно излекувани.
Преку видеоконференцијата вчера, рускиот вицепремиер Дмитриј Чернишенко изјави дека ситуацијата е донекаде стабилна и дека во некои денови бројот на оздравени пациенти го надминува бројот на новите случаи.
Сепак, Светската здравствена организација (СЗО) сè уште смета дека постојните ризици од пандемијата се високи и не препорача ниту една земја да ги укине своите ограничувања за патувања во странство со цел да се избегне втор бран.
И покрај строгите мерки на изолација во главниот град Москва, забраната за влез на странци и лица без државјанство и прекинот на меѓународниот воздушен и железнички сообраќај, Русија е на трето место во светот по бројот на случаи на Ковид-19, по САД и Бразил.