Ayhan Şimşek
25 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Германија се искачи на 171 лице, а бројот на потврдени случаи изнесува 33.500, јавуваат локалните здравствени власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Веб-страницата „Коронавирус-Монитор“ со седиште во Берлин, која собра податоци од локалните власти, утринава објави дека бројот на смртни случаи од коронавирусот изнесува 171.
Бројот на потврдени случаи на коронавирус во земјата се зголеми на 33.954.
Агенцијата за контрола на болести на Германија денес предупреди дека земјата сè уште е во рана фаза на епидемијата.
„Ние сме само на почеток на епидемијата“, изјави Лотар Вилер, претседателот на Институтот „Роберт Кох“, на прес-конференцијата во Берлин, и ги повика граѓаните да ги следат мерките објавени од Владата во спречување на ширењето на вирусот.
Германија ги зајакна мерките против коронавирусот во неделата, со тоа што забрани каков било социјален контакт помеѓу повеќе од две лица во јавност.
Федералните држави наредија затворање на продавниците и рестораните, кои ќе може да извршуваат испорака.
Германија е третата земја погодена од коронавирусот во Европа, по Италија и Шпанија.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 170 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 423.121. Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 19.000, а речиси 108.629 се излекувани.