Ayhan Şimşek
17 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска пријави рекорден број дневни случаи на коронавирусот со речиси 300.000 новозаразени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенција за контрола на болести во земјата, потврди 294.931 нов случај на коронавирусот, највисоката стапка регистрирана од почетокот на пандемијата во 2020 година.
Здравствените власти денеска пријавија 278 смртни случаи поврзани со коронавирусот, што е повеќе од 259-те регистирани смртни случаи во истиот ден минатата недела.
Експертите предупредуваат дека трендот на раст на случаите може да значи дека земјата се движи кон нов бран на вирусот.
Ублажувањето на мерките против Ковид-19 минатиот месец и ширењето на високозаразната подваријанта на Омикрон, BA.2, се главните фактори за зголемувањето на бројот на случаи.
Новата подваријанта, која е попренослива од почетниот сој на Омикрон, BA.1, сега опфаќа повеќе од 48 проценти од секвенционираните случаи на коронавирусот во земјата, според Институтот.
И покрај порастот на бројот на заразени, поголем дел од заразените со Омикрон се со благи симптоми, без потреба од хоспитализација.
Вчера, 2.168 пациенти со коронавирус се примени во болниците, додека околу 2.300 заразени пациенти се на лекување на одделенијата за интензивна нега (ICUs).
Според експертите, високата покриеност со вакцинација во Германија кај постарите лица е ефективна во спречувањето тешка форма на болеста и смртни случаи од вирусот, и покрај новиот пораст на заразени.
Околу 89 проценти од луѓето на возраст од 60 и повеќе години се целосно вакцинирани, а 78 проценти од нив примиле и бустер доза, според најновите податоци.
Германија е меѓу земјите најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот во Западна Европа, и една од земјите со највисок број на случаи во регионот, веднаш по Франција и Велика Британија.
Земјата во која живеат 83 милиони жители пријави околу 17,7 милиони заразени и 126.142 смртни случаи од почетокот на пандемијата пред две години.