Ekipa
17 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денес ги отстрани Аргентина, Австралија и Канада од својата листа што дозволува несуштински патувања во Блокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот на Европската Унија ги обнови препораките за слободно патување, што овозможуваат пристап до ЕУ за неесенцијални цели без оглед на статусот на вакцинација на патниците, објавија институциите што ги претставуваат земјите членки на ЕУ.
Според новите правила што стапуваат на сила од денес, жителите на Бахреин, Чиле, Колумбија, Индонезија, Кувајт, Нов Зеланд, Перу, Руанда, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Кореја, Тајван, Обединетите Арапски Емирати и Уругвај можат да патуваат во Блокот.
Истото тоа важи и за кинеските граѓани, во случај Пекинг да им ги даде истите права на жителите на ЕУ.
Листата за патување, која се обновува на секои две недели, овозможува влез до 27 земји на ЕУ и земји кои не се членки на ЕУ а се дел од Шенген-зоната (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија).
Следејќи ги препораките на Европската комисија, владите на ЕУ можат да одобрат влез на целосно вакцинирани патници од земјите кои не се на листата.
ЕУ воведе ограничувања за патувањата во март 2020 година за да го спречи ширењето на Ковид-19.