ЕУ нарача 180 милиони дози на вакцина приспособени за варијантата Омикрон
Урсула фон дер Лајен побара од земјите на ЕУ да ги забрзаат кампањите за вакцинација во пресрет на варијантата Омикрон
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) нарача над 180 милиони дози од вакцината на „БајоНТех“/„Фајзер“, приспособена за варијантата Омикрон, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред новинарите по состанокот на Европскиот совет, Фон дер Лајен рече дека лидерите на ЕУ активирале клаузули во договорите потпишани со производителите на вакцини кои им дозволуваат да побараат развој на адаптирана вакцина во рок од 100 дена.
„Регулаторот за лекови на ЕУ работеше на проценка на адаптираната вакцина“, додаде таа.
Таа истакна дека Европа сега може да произведува 300 милиони дози вакцини секој месец.
„Со повеќе од една милијарда дози испратени во остатокот од светот, ЕУ е најголемиот извозник на вакцини против Ковид-19“, додаде таа.
Таа, исто така, побара од земјите на ЕУ да ги забрзаат кампањите за вакцинација во пресрет на варијантата Омикрон.
Фон дер Лајен го појасни периодот на важност на сертификатите за Ковид-19 што се користат при патувањата, кои неодамна беа предмет на дискусии во ЕУ.
Повторувајќи дека се препорачува да се земе бустер вакцина шест месеци по целосната вакцинација, таа рече дека сертификатите ќе важат дополнителни три месеци додека не се даде бустерот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.