Riyaz Khaliq
07 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
АНКАРА (АА) - Јапонија денеска го претстави најголемиот стимулативен пакет од 990 милијарди долари за да им помогне на бизнисите и домаќинствата да се справат со последиците кои произлегуваат од епидемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција „Кјодо“ јави дека Кабинетот на премиерот Шинзо Абе го одобрил стимулативниот пакет.
„Економијата на Јапонија се соочува со најголемата криза во повоената ера“, истакна Абе.
Економскиот пакет е еквивалентен на 20 отсто од БДП на земјата.
Финансискиот пакет дојде откако Абе прогласи едномесечна вонредна состојба во седум префектури, вклучувајќи го и главниот град Токио.
За време на финансиската криза во 2008 година, Јапонија претстави вонреден финансиски пакет од 56,8 билиони јени (52 милијарди долари).
„Во ситуација сме во која вирусот се шири брзо и насекаде низ земјата, заканувајќи се со сериозно влијание на животот на луѓето и економијата“, рече Абе на состанокот со работната група за справување со коронавирусот.
Премиерот ги замоли јапонските граѓани да ги намалат меѓусебните контакти за 70-80 отсто.
„Пикот на вирусот ќе биде за две недели, а потоа заразата ќе почне да опаѓа“, рече тој.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во декември 2019 година во Вухан, Кина, и досега се рашири во 200 земји низ светот.
Во светот се регистрирани над 1,36 милион потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е близу 76.000.