Emre Aytekin
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ПЕКИНГ
Кинеските медиуми објавија дека во Сиан, град со популација од 13 милиони жители, од полноќ во градот ќе бидат спроведени „мерки за управување со епидемијата од затворен круг“, откако вчера беа откриени 63 случаи на заразување со коронавирус од локално потекло, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Полицискиот час е воведен само неколку недели пред почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг, кои се одржуваат на околу 1.000 километри западно од Сиан.
Граѓаните се замолени да не ги напуштаат своите домови доколку тоа не е апсолутно неопходно, а превозот до градот и патувањата надвор од градот се стопирани, освен во посебни случаи.
Во рамки на мерките кои почнаа да се применуваат од ноќеска на полноќ, сите граѓани, освен тимовите за контрола на епидемијата и оние кои работат во виталните сектори, ќе треба да добијат дозвола за напуштање на местото на живеење.
На едно лице од секое домаќинство ќе му биде дозволено да го напушта домот за да купува основни прехранбени производи секој втор ден.
Сите бизниси во градот ќе бидат привремено затворени, освен оние за контрола на епидемијата и за задоволување на основните потреби.
Освен за автобуски и основни потреби, запрен е и карго превозот, а излезите на патиштата ќе бидат контролирани.
Сите училишта во градот ќе бидат затворени, а учениците ќе ја продолжат наставата преку интернет.
- Не е познато дали омикрон-варијантата е присутна кај заразените
Националната здравствена комисија извести дека во градот во последните 24 часа се откриени 63 случаи од локално потекло. Така, бројот на новозаразени од локално потекло регистрирани во градот од 9 декември досега се зголеми на 211.
Во градот со 13 милиони жители, спроведен е втор круг на ПЦР-тестирање на приближно 10,8 милиони луѓе, при што досега се објавени резултатите од тестот на 6,7 милиони луѓе.
Откриено е дека 9.311 лица имале близок контакт со заразените, а во карантин се ставени 21.787 лица поврзани со заразените и лицата кои биле во контакт со нив.
Нема информации дали станува збор за новата варијанта Омикрон или пак за Делта. Досега во Кина се регистрирани само 7 случаи на заразување со омикрон-варијантата на коронавирусот.
Ограничувањата во Сиан се едни од најстрогите откако Кина во 2020 година воведе строги мерки на изолација за повеќе од 11 милиони жители на Вухан, градот во кој за првпат беше регистриран коронавирусот во 2019 година.
Кина од почетокот на епидемијата досега има пријавено 4.636 смртни случаи предизвикани од Ковид-19, додека вкупниот број на случаи на заразување со коронавирусот изнесува 100.644.
Во моментов во Кина продолжува лекувањето на 1.823 лица заразени со коронавирусот.