Emre Aşıkçı
12 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
АНКАРА (АА) - Легендарниот шкотски фудбалер и менаџер Кени Далглиш е отпуштен од болницата по лекувањето од коронавирусот Ковид-19, пренесува Агенција Андолија (АА).
„Тие беа апсолутно брилијантни. Како нација, сите сме среќни што ги имаме и им посакувам секое добро бидејќи неуморно работат за да ѝ помогнат на земјата да ја преброди оваа пандемија“, изјави Далглиш за „Сандеј пост“ (Sunday Post), поздравувајќи го медицинскиот персонал.
Далглиш рече дека остатокот од неговото лекување ќе продолжи во домашни услови.
Шеесет и деветгодишниот поранешен шкотски фудбалер беше позитивен на тестот за коронавирус и беше хоспитализиран во средата на лекување за кое беше неопходен интравенски внес на антибиотици.
Далглиш за Селтик четирипати ја освои титулата во Шкотската лига, и тоа во 1972, 1973, 1974 и 1977 година.
Со осум титули во Англиската лига со Ливерпул, Далглиш исто така им помогна на „црвените“ да го освојат Купот на европските шампионски клубови како играч и менаџер.
Во последните 24 часа, Велика Британија соопшти за уште 917 смртни случаи, со што вкупниот број на починати во земјата порасна на 9.875 од вирусот.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во светот од коронавирусот починаа речиси 109.000 луѓе, а заразени се над 1,78 милион. Излекувани се над 405.000 пациенти.