Hasan Esen
12 Април 2020•Ажурирај: 12 Април 2020
ЛОНДОН (АА) – Британскиот премиер Борис Џонсон, кој е излекуван од новиот вид корнавирус, Ковид-19, е отпуштен од болница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Кабинетот на премиерот се истакнува дека премиерот е излекуван, отпуштен од болница и дека процесот на заздравување ќе го продолжи во премиерската резиденција Чекерс, која е оддалечена 65 километри од Лондон.
Наведено е дека премиерот им се заблагодарил на вработените во болницата „Свети Томас“ и дека во согласност со советите на неговите лекари нема веднаш да се врати на своето работно место.
Во меѓувреме, британските медиуми истакнаа дека Џонсон на своите пријатели им напишал дека животот го должи на здравствените работници.
Во веста на медиумите, исто така се нагласува дека состојбата на Џонсон за време на интензивната нега многу се влошила и дека на вработените во Кабинетот на премиерот не им преостанувало ништо друго освен да се молат.
Свршеницата на премиерот, Кери Симондс, на својот профил на социјалните медиуми, заблагодарувајќи се на здравствените работници, нагласи: „Никогаш не ќе можам да го исплатам долгот кон вас. Никогаш нема да престанам да ви се заблагодарувам", додавајќи дека минатата недела преживеале многу тежок период.
- Во болницата лежеше една недела
Тестот за Ковид-19 на Џонсон на 27 март беше позитивен. Од тој момент 55-годишниот премиер се изолираше. На видеото од 3 април објавено на социјалните медиуми, Џонсон истакна: „Сѐ уште имам температура, по препорака на Владата мора да продолжам со изолацијата сѐ додека симптомите не исчезнат.“
Џонсон, чија состојба не се подобри, беше хоспитализиран вечерта на 5 април. Следниот ден беше пренесен на интензивна нега, откако неговата состојба беше влошена.
Премиерот Џонсон на интензивна нега остана три дена, беше истакнато дека примал терапија со кислород, но не бил поврзан на респиратор.