Ekipa
23 Ноември 2020•Ажурирај: 24 Ноември 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот претставник за Ковид-19 на Светската здравствена организација го критикуваше одговорот на Европа на новиот вирус, предупредувајќи на трет бран наредната година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Реакцијата на Европа беше недоволна“, изјави Дејвид Набаро во интервју што беше објавено вчера во весниците на швајарската „Медија груп“ (CH Media Group) и од швајцарската новинска агенција „Кистоун-СДА“ (Keystone-SDA).
„Имаше неуспех да се изгради потребната инфраструктура во летните месеци откако првиот бран беше ставен под контрола. И сега има втор бран. Ако не се изгради потребната инфраструктура сега, на почетокот на следната година ќе има и трет бран“, предупреди Набаро.
Претставникот на СЗО вели дека Европа треба да постапи на начинот на кој азиските земји се справија со пандемијата.
„Мора да се реагира на вирусот, цврсто и одлучно. Особено на почетокот, кога вирусот сè уште бавно се шири во различни заедници. Ако реагирате со колебање, проблемот ќе стане поголем многу брзо“, изјави Набаро.
Тој рече дека само неколку носители на политички одлуки разбираат дека вирусот се шири експоненцијално.
„Експоненцијално значи дека бројките можат да се зголемат за осум пати во една недела, 40 пати во две недели, 300 пати во три недели, над 1.000 пати во четири недели и така натаму“, рече тој.
„Во Азија, сепак бројките се релативно ниски затоа што луѓето се целосно ангажирани, тие прифаќаат да ги применуваат мерките кои би го спречиле ширењето на вирусот“, изјави Набаро.
„Тие одржуваат дистанца, носат маски, се изолираат кога се болни, ги мијат рацете и ги бришат површините. Тие ги заштитуваат најзагрозените групи.“
Набаро, исто така, рече дека Азија не ги ублажи предвреме мерките на ограничување. „Мора да почекате додека бројот на случаи не биде мал и да остане низок“, рече тој. „Реакцијата на Европа беше нецелосна.“
Набаро работи од Женева и изјави дека таму постои недостаток на поддршка за одредени лица заразени со Ковид-19.
„Швајцарија има многу висок број на случаи, особено во делот каде што се зборува француски, при што е потребна многу посилна стратегија од страна на властите, заедно со жителите“, изјави тој.
Во текот на седум дена до 20 ноември, Швајцарскиот сојузен завод за јавно здравје објави 615 смртни случаи меѓу лабораториски потврдените случаи на Ковид-19, со што бројот на починати се искачи на 3.575 од почетокот на пандемијата.
Минатата недела, бројот на потврдени случаи на вирусот изнесуваше 33.466, со пад од 26 отсто, а извршени се околу 162.000 тестирања.