Associated Press
14 Јули 2022•Ажурирај: 16 Јули 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на случаи на коронавирусот во светот се зголемува веќе петта недела по ред, додека стапката на смртност е релативно стабилна, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот неделен извештај за пандемијата, здравствената агенција на ОН соопшти дека бројот на нови случаи на Ковид-19 низ светот се зголемил за 6 отсто во споредба со минатата недела и дека се потврдени 5,7 милиони нови инфекции.
Претходно оваа недела, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека пандемијата сè уште се квалификува како глобална вонредна состојба и дека е загрижен од порастот на бројот на заразени.
„Вирусот циркулира слободно, а земјите не се справуваат ефикасно со товарот на болеста. Новите бранови на вирусот повторно покажуваат дека пандемијата на Ковид-19 не е ни блиску до крајот“, рече Гребејесус.
Во последните две недели, случаите на Ковид-19 пријавени до Светската здравствена организација се зголемени за 30 проценти, а најмногу се предизвикани од високо заразните подваријанти на Омикрон, БА.4 и БА.5.
Според податоците на СЗО, најголем пораст на бројот на новозаразени со коронавирусот е забележан во Западниот Пацифик и Блискиот Исток. Стапката на смртност се зголеми за 78 отсто на Блискиот Исток и за 23 отсто во Југоисточна Азија, додека на други места се намали или остана стабилна.