Servet Günerigök
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде рок на Светската здравствена организација (СЗО) од 30 дена да „се посвети кон големо суштинско подобрување“, во спротивно Соединетите Американски Држави (САД) трајно ќе ги замрзнат средствата за СЗО и ќе го преиспитаат своето членство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трамп го упати строгото предупредување преку писмото што го објави на Твитер, во кое ја обвинува Организацијата дека ги игнорирала извештаите во врска со новиот вид коронавирус што се рашири во Кина во декември и дека не успеала да ги сподели „клучните информации“ во врска со ширењето на вирусот.
Во април Трамп изјави дека СЗО е про-Кина и привремено го сопре финансирањето, кое требаше повторно да го разгледа.
Во писмото со строг речник, Трамп вели дека Организацијата направила „крајно неточни“ или „погрешно наведувачки“ тврдења во врска со вирусот, со кој досега се заразија над 4,8 милиони луѓе во светот.
Трамп потсети на неговата одлука да ги забрани патувањата од Кина во јануари, на која рече дека генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, се спротивставил, а ја пофалил одлуката за „строгите ограничувања на домашните патувања“ на Кина.
Одлуката на СЗО да прогласи пандемија на коронавирусот беше исто така меѓу критиките што американскиот претседател ги упати кон меѓународното здравствено тело. Тој рече дека кога СЗО објавила пандемија, од вирусот веќе починале повеќе од 4.000 луѓе, а заразени биле 100.000 лица во 114 земји.
„За време на оваа криза, Светската здравствена организација упорно ја фалеше Кина за наводна ’транспарентност‘“, напиша Трамп во писмото, во кое го обвини и Пекинг дека го лишил светот од клучни информации во врска со ширењето на вирусот.
Тој на шефот на СЗО му порача дека одговорот на неговата организација кон пандемијата „бил многу скап за светот“, барајќи од организацијата да „демонстрира независност од Кина“.
Наведувајќи дека неговата администрација е во разговори со претставници на СЗО, Трамп рече дека потребно е итно дејствување, додавајќи дека „немаме време за губење“.
„Не можам да дозволам американските даночни обврзници да продолжат да финансираат организација која во сегашнава состојба толку јасно не им служи на интересите на Америка“, заклучи тој.
Од вирусот во САД починаа над 90.000 луѓе, додека повеќе од 318.000 починаа низ целиот свет од декември, кога вирусот за првпат беше откриен во кинескиот град Вухан.