Ahmet Sertan Usul
16 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турција денес ја прошири кампањата за вакцинација и на малолетниците на возраст од најмалку 15 години, како и на оние на возраст од најмалку 12 години што страдаат од хронични заболувања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Здравствените работници и другите приоритетни групи, исто така, ќе можат да ја добијат својата четврта доза од вакцината, објави Министерството за здравство во серијата нови одлуки.
Покрај тоа, бидејќи некои земји бараат две дози од вакцината на Фајзер/БајоНтек за влез, луѓето што примиле две дози од кинескиот Синовак и една доза Фајзер/БајоНтек, ќе можат да добијат втора доза од последната вакцина како четврта доза.
Според новите одлуки, лицата што се позитивни на коронавирусот можат да се вакцинираат еден месец подоцна. Овој временски период претходно изнесуваше три месеци.
Според официјалните податоци објавени денес, Турција има администрирано над 83,87 милиони дози вакцини против Ковид-19, откако започна масовната кампања за вакцинација во јануари.
Од неделата, земјата исто така потврди 18.847 нови случаи на коронавирусот и 154 смртни случаи како последица на вирусот во последните 24 часа, додека евидентирани се 14.426 оздравени пациенти.
Турција влезе во фаза на нормализација во јули со намалувањето на бројот на заразени на национално ниво и забрзаната кампања за вакцинација, укинувајќи ги речиси сите дотогашни ограничувања поврзани со вирусот.