Ayhan Şimşek
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска пријави над 80.000 нови случаи на коронавирусот регистрирани во текот на изминатото деноноќие, што е нов рекорд од почетокот на пандемијата пред две години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенцијата за контрола на болести во земјата, потврди 80.430 новозаразени во изминатите 24 часа и 384 смртни случаи поврзани со коронавирусот.
Неодамнешниот наплив на заразени е предизвикан од позаразната варијанта на коронавирусот, Омикрон, но повеќето од заразените се со благи симптоми кои не бараа хоспитализација.
Стапката на хоспитализација во Германија вчера изнесуваше 3,34 на 100.000 жители, многу пониска од бројките забележани во претходните бранови.
Но, и покрај тоа, претставниците на јавното здравство предупредуваат дека Омикронот се шири значително побрзо од претходните варијанти и може да го отежни функционирањето на здравствениот систем доколку бројот на заразени продолжи драматично да се зголемува и во наредните денови.