Uğur Çiçek
10 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
БУРСА
Вработен во Општината Инеѓол во турскиот град Бурса, облечен во костим на коронавирус, прошета низ улиците на градот со цел да ја подигне свеста кај граѓаните во врска со ширењето на заразната болест, известува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на проектот што го иницира Театарот на Општина Инеѓол, „коронавирусот“ се прошета низ градските улици, потсетувајќи ги минувачите на важноста за придржување на мерките, како што се физичка дистанца и носење маски.

Вработен во Општината, облечен во костим на коронавирус, им приоѓаше на постари лица што седеа на клупите, се пробиваше меѓу луѓето што чекаа пред банкоматите и ги предупредуваше граѓаните што се движеа во групи.
Началникот на Општината Инеѓол, Алпер Табан, изјави дека со овој и слични проекти се обидуваат да ја подигнат свеста кај населението за ширењето на заразата.
„Еден од нашите вработени прошета низ улиците на градот со цел да ги предупреди нашите граѓани. Се наоѓаме во многу критичен период кога станува збор за пандемијата на коронавирусот. Со овој проект јасно покажавме дека коронавирусот е насекаде околу нас“, рече Табан.
