Berk Özkan
10 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Конвој од 350 камиони со хуманитарна помош, кој во градовите низ Турција ја собра хуманитарната организација ИХХ, тргна денеска кон Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за хуманитарна акција под назив „Нашиот пат е добрина, нашата должност е човештвото“, во рамките на која, по повод 10 Декември - Денот на човековите права, во сите турски градови е собирана помош за жителите на Сирија.
Хуманитарната помош со вкупно 350 камиони денеска истовремено од повеќе градови е испратена во Сирија. Испраќањето на конвојот од Истанбул, кој се состои од 50 камиони, е направено на паркингот на Олимпискиот стадион „Ататурк“.

Заменик-претседателот на Управниот одбор на ИХХ, Хусеин Оруч, за АА изјави дека ИХХ продолжува со акциите чија цел е да се одговори на темелните потреби на жителите на Сирија.
Тој потсети дека денеска кон Сирија тргнале вкупно 350 камиони со хуманитарна помош, од кои 50 од Истанбул.
„Во камионите се наоѓаат најосновните потреби: брашно, храна, прибор за училиште, огрев, во кратки црти, сето она што е потребно на нашите браќа и сестри во овој период. Сите камиони пристигнуваат денеска до границата и ќе настојуваат веднаш да влезат во Сирија. До крајот на годината во Сирија планираме да доставиме вкупно илјада камиони хуманитарна помош“, изјави Оруч.
Тој додаде дека поддршка на оваа кампања пружиле голем број граѓани од Турција, но и надвор од нејзините граници.