Selman Aksünger
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
АМСТЕРДАМ (АА) - Холандската Влада денес објави дополнителни мерки, вклучително и десетдневен задолжителен карантин за патниците кои патуваат од Велика Британија, како и одредени други ограничувања за жителите на Европска Унија (ЕУ) и земјите од Шенген за да се спречи ширењето на сојот на коронавирусот, Омикрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Патниците кои пристигнуваат од земјите со висок ризик, меѓу кои и Велика Британија, мораат да поминат десетдневен задолжителен карантин, кој ќе стапи на сила од среда до 14 јануари, се вели во официјалното соопштение.
Новите ограничувања ќе останат во сила и за време на божиќните и новогодишните празници.
Дури и да имаат вакцинален пасош, патниците од земјите кои се на листата ќе бидат ставени во изолација. Доколку тестот по петтиот ден од карантинот е негативен, изолацијата завршува пред да поминат вкупно 10 дена, се појаснува во соопштението.
Во саботата, холандскиот премиер Марк Руте истакна дека сите училишта ќе останат затворени до 9 јануари. Нема да бидат дозволени јавни настани додека не заврши карантинот.
Местата од каде се обезбедуваат основните намирници за живот ќе бидат отворени од 05 часот до 20 часот, додека фудбалските натпревари ќе продолжат да се играат без навивачи. Во едно домаќинство за време на божиќните и новогодишните празници ќе бидат дозволени до четворица гости. Рестораните ќе може да служат само храна за носење.
Според денешното соопштение, лицата на возраст над 12 години кои пристигнуваат од земји надвор од ЕУ и Шенген мора да обезбедат негативен резултат на Ковид-тест.
Патниците со вакцинален пасош мораат, исто така, да имаат негативен резултат на ПЦР-тест направен 48 часа пред летот, или негативен резултат на антигенски тест 24 часа пред летот за Холандија од земји надвор од Шенген-зоната.