ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -
Светската здравствена организација (СЗО), основана во 1948 година во рамките на Обединетите нации (ОН), ги минува најтешките денови во нејзината историја, бидејќи поради пандемијата на новиот вид на коронавирус, Ковид-19, довербата во организацијата е разнишана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организацијата, која спроведува меѓународни студии за јавното здравство, е единствената меѓународна здравствена платформа на која светската популација од приближно 7,7 милијарди можеше да ѝ верува.
Пандемијата „Ковид-19“, која ја предизвика најголемата здравствена криза за која сведочи човештвото уште од Втората светска војна, СЗО ја стави на обвинителна клупа.
Стравот од пандемијата што го опфати целиот свет, придонесе да се бара и злосторникот. На тој начин очите беа вперени кон СЗО и Кина, каде што се појави вирусот.
Светската здравствена организација се обвинува дека ја крие улогата на Кина за пандемијата, дури и за поттикнување на Кина, дека е пион на Кина, за доцнење на прогласување на пандемија, и дека има голем удел во ширењето на пандемијата во глобално ниво, со тоа што неколкупати упати повик до земјите да не ги затвораат границите со Кина.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, со денови ги напаѓа СЗО, како и Кина. Трамп, покрај обвинувањата, ги запре и средствата што САД ги обезбедуваат за организацијата.
- Гебрејесус ја презеде функцијата со прослава
Светската здравствена организација, со седиште во Женева, Швајцарија, е основана на 7 април 1948 година, има 150 канцеларии и околу 7.000 вработени низ светот.
Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО, беше избран на 5 години на 23.05.2017 година, а должноста ја презеде на 1 јули.
Гебрејесус на изборите го победи неговиот ривал, Британецот Дејвид Набаро. Во канцеларијата на Обединетите нации во Женева се одржа прослава за неговата победа.
Некои меѓународни новинари, тогаш, генералниот директор на СЗО го опишаа како „Човек на Бил Гејтс“.
Гебрејесус работел како министер за здравство на Етиопија од 2005 до 2012 година, а потоа бил и министер за надворешни работи во периодот 2012 - 2016 година пред започнување на неговата кариера во СЗО.
- Колку е придонесот на САД во буџетот на СЗО?
Земјите членки на СЗО, 194 на број, и доброволни хуманитарни ИЛИ волонтерски организации, го обезбедуваат буџетот на Организацијата на два начина: „оданочени придонеси“ и „доброволни придонеси“.
Земјите членки плаќаат годишна членарина на СЗО, врз основа на нивната популација и економска големина. Овие придонеси одговараат на околу 17 проценти од буџетот на организацијата.
Во двогодишниот буџетски календар на Организацијата утврдено е дека буџетот за 2020-2021 година е приближно 4,5 милијарди долари, со пораст од 9 проценти во однос на претходната година.
САД финансираат речиси 14,67 проценти од годишниот буџет на СЗО, а нивната годишна помош е околу 412 милиони американски долари.
Утврдениот придонес на САД за Организацијата е над 118 милиони долари на годишно ниво, а преостанатите 300 милиони долари ги дава како доброволни придонеси за СЗО.
- Финансиер број 1 на СЗО може да биде Бил Гејтс
САД, кои се најголемиот финансиер на Организацијата, придонесоа со повеќе од 800 милиони американски долари на крајот на 2019 година за буџетскиот период 2018-2019. САД ги следеа Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, Англија и Германија.
Кина, која е цел на критики, е на 49. место меѓу финансиерите, со придонес од 0,21 отсто, што одговара на 43 милиони долари. Околу 38 милиони долари од оваа сума влегуваат во рамките на задолжителни плаќања.
Доколку САД престанат со финансиска помош, Бил Гејтс се очекува да биде финансиерот број 1 на СЗО.
- СЗО го обвинува Трамп за „политизација“ на Ковид-19
Гебрејесус, генералниот директор на СЗО, кој стана цел на американската администрација, користи „воздржан“ и „претпазлив“ јазик против „тешките“ и „бескрајните“ обвинувања на Трамп.
Тој потенцира дека пандемијата не треба да се политизира, наместо да одговара на тврдењата на Трамп со конкретни изјави.
- Дали е во право Трамп во неговите обвинувања?
Покрај САД, Јапонија и Тајван, многу други земји ја критикуваат СЗО за донесување на доцни и контрадикторни одлуки во врска со кризата.
Процесот проследен од страна на СЗО по откривањето на вирусот што се случи на 1 декември 2019 година во Вухан, главниот град на кинеската провинција Хубеи, е:
14 јануари: Во објавата на СЗО на нејзиниот твитер-профил, базирајќи се на кинески власти, таа тврдеше дека нема конкретни докази дека Ковид-19 се пренесува од човек на човек.
20 јануари: Организацијата објави дека вирусот се пренесува повеќе од животни на човек, но може да се пренесе од човек на човек ако се во близок контакт.
21 јануари: Бројот на луѓе што го загубија животот во Кина се зголеми на 6. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гинг Шуанг, изјави дека СЗО и земјите се информирани за епидемијата на вирусот.
23 јануари: Генералниот директор на СЗО, Гебрејесус, рече дека е рано да се објави „меѓународен итен јавен здравствен проблем“, поврзан со вирусот кој брзо се шири во Кина, и дека нема доволно „докази“ за тоа.
24 јануари: Гебрејесус, по средбата со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во Пекинг, истакнувајќи дека ги цени мерките што ги презема кинеската Влада, рече: „СЗО е подготвена да ја снабдува Кина со она што ѝ е потребно. СЗО целосно верува во способноста на кинеската Влада да се бори против епидемијата.“
29 јануари: Веднаш по неговата посета на Кина, Гебрејесус предупреди дека таму се потврдени 6.065 случаи на коронавирусот и дека починале 132 лица, предупредувајќи дека потенцијалот за ширење на епидемијата е многу голем.
30 јануари: СЗО прогласи „меѓународен итна здравствена состојба“, поврзана со појавата на Ковид-19. Таа рече дека „главната причина не е она што се случува во Кина, туку она што се случи во другите земји“, и додаде дека нема причина за одлуката да се ограничат трговските активности и патувањата кон Кина. Гебрејесус кој ја пофали Кина, рече дека прогласувањето на „итна состојба“ не се однесува за недовербата кон Кина и дека борбата на земјата против вирусот е над очекувањата.
31 јануари: СЗО повика „да не се затвораат границите со Кина“, и покрај тоа што е прогласена глобална итна состојба. Портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, рече дека другите држави „имаат голема причина да ги задржат отворени официјалните гранични премини“ со Кина. „Јасно е кажано и повторено дека СЗО не препорачува ограничувања за патувања и трговија со Кина“, рече Линдмаер.
3 февруари: Гебрејесус повтори дека тие се против ограничувања на трговијата и патувањето кон Кина.
11 февруари: СЗО објавува дека новиот вид коронавирус (2019-nCoV), кој се појави во Кина, го носи името „Ковид-19“.
22 февруари: Гебрејесус упати повик до меѓународната заедница да обезбеди помош од 675 милиони долари помош за поефикасна борба против појавата на Ковид-19.
26 февруари: Генералниот директор на СЗО, истакнувајќи дека се длабоко загрижени за ненадејното зголемување на случаите со Ковид-19 во Италија, Иран и Јужна Кореја, рече дека се против употребата на зборот „епидемија“.
27 февруари: Гебрејесус објави дека коронавирусот достигнал „одредена точка“ со појавата на случаи во земјите надвор од Кина.
28 февруари: СЗО го зголеми глобалното ниво на ризик за Ковид-19 од „високо“ на „многу високо“ ниво.
2 март: Гебрејесус забележа дека Ковид-19 се шири многу побрзо во земји надвор од Кина, претворајќи го светот во една „непозната област“.
6 март: Гебрејесус, наведувајќи дека вкупниот број случаи достигнал 100.000, рече: „Случаите на Ковид-19 се зголемуваат; им препорачуваме на сите земји, ограничувањата да им бидат највисок приоритет.“
9 март: Гебрејесус изјави дека Ковид-19 се шири во многу земји, и додаде: „Заканата од пандемија стана многу реална.“
11 март: СЗО прогласи појава на глобална пандемија.
12 март: Гебрејесус истакна дека пандемијата „Ковид-19“ може да биде контролирана.
13 март: Организацијата нагласи дека сега Европа е епицентарот на кризата „Ковид-19“.
18 март: Гебрејесус истакна дека физичките мерки како што се откажување на спортски настани, концерти и други поголеми собирања, можат да го забават ширењето на појавата на Ковид-19.
20 март: Гебриесус објави дека контактирале со некои компании што се согласиле да обезбедат медицинска опрема на СЗО во Кина.
24 март: Портпаролот на СЗО, Маргарет Харис, истакна дека новиот центар на епидемијата може да бидат САД.
27 март: Генералниот директор Гебрејесус најави дека ќе треба да се почека минимум 12-18 месеци за вакцината „Ковид-19“.
31 март: Генералниот секретар на ОН, Гутереш, рече дека светот, како резултат на Ковид-19, се соочува со најтешката криза од Втората светска војна досега.
1 април: „Светот никогаш не се соочил со таква пандемија. Непознат и опасен вирус. Јас сум длабоко загрижен за брзото зголемување и глобалното ширење на болеста“, нагласи Гебрејесус.
8 април: Гебрејесус, одговарајќи на обвинувањата на Трамп за неуспех во борбата против избувнувањето на Ковид-19, рече: „Да не се политизира овој вирус. Ако сакате да видите повеќе починати, тогаш можете да продолжете да го политизирате.“ Одговарајќи на Трамп, без да му спомене име, Гебрејесус рече дека има многу други прашања за кои можат да се докажат, наместо да го политизираат Ковид-19.
13 април: Во врска со најавата на Трамп дека тие [САД] ќе ги суспендираат средствата што ги даваат на СЗО, обвинувајќи ја дека дејствувала „прокинески“, Гебрејесус рече: „Она што јас го знам е дека тој е поддржувач. Се надевам дека [обезбедените] средства ќе продолжат. Нашата врска [со Трамп] е многу добра и се надеваме дека ќе продолжи.“
15 април: Гебрејесус, наведувајќи дека САД се долг и дарежлив пријател за СЗО, рече дека со жалење ја примиле одлуката на Трамп да го запре фондот што неговата земја му го обезбеди на СЗО.
17 април: Портпаролот на СЗО, Харис, избегнувајќи да одговори на обвиненијата на Трамп против Организацијата, нагласи „САД секогаш биле фантастичен партнер за нас.“
Кога ќе се погледнат хронолошките изјави, се подразбира дека постои основа за многуте критики и обвинувања против СЗО.
Меѓународните експерти за пандемија тврдат дека на 30 јануари, кога била прогласена „глобална вонредна состојба“, ако бил упатен повик до земјите да ја затворат границата кон Кина, глобалната епидемија немало да го зафати светот.
За да може Организацијата да ја врати довербата на целиот свет, во следниот период на пандемијата треба „да докаже дека е на вистинскиот пат“, да ги забрза активностите за изнаоѓање на вакцина и откако светот ќе се врати во нормала, треба да влезе во нов процес на реформи.
news_share_descriptionsubscription_contact
