Furkan Abdula
30 Јули 2018•Ажурирај: 31 Јули 2018
ОХРИД (АА) - Во организација на Општина Ќучукчекмеџе, Истанбул, со поддршка на турското Министерство за култура и туризам, во соработка со Институтот „Јунус Емре“ и Универзитетот „Тракија“ од Турција, вечерва во центарот на Охрид пристигна „Балканскиот караван“ кој има за цел промовирање на турската култура, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот, на кој зедоа учество директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Шемсетин Шекер, како и голем број граѓани, беа претставени турските народни игри, како и програмата на семазените, додека на посетителите им беше понуден и вкусот на турската кујна. Во овие рамки, вниманието на посетителите го привлече и цртањето на вода, односно техниката наречена ебру, како и калиграфијата.
Исто така, се одржа и шоу со тапани, а кон крајот на програмата се одржа и концерт на турски народни песни.

Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Шемсетин Шекер, во изјава за медиумите нагласи дека благодарение на Балканскиот караван, во Охрид се обединиле со луѓето кои имаат интерес за турската култура.
„Посетителите имаа можност да ги видат различните фази на турската култура. Тие се многу задоволни. И ние сме задоволни од нивната заинтересираност“, рече Шекер, упатувајќи благодарност до општина Охрид поради тоа што овозможи да се организира овој настан.
Озѓур Оран, од истанбулската општина Ќучукчекмеџе, нагласи дека со овој проект имаат за цел промовирање на турската култура, како и зајакнување на братските и пријателски односи.
„Досега реализиравме пет активности. Денес активностите ги организиравме во Охрид. Потоа ќе ги организираме во Гостивар, а потоа во Приштина и Мамуша“, истакна тој.

Оран рече дека првиот настан во Македонија го организирале во 2015 година во Охрид и во Скопје, и дека добиле многу позитивни реакции.
Тој нагласи дека во наредните години планираат овој настан да го организираат традиционално секоја година.
Проектот на „Балканскиот караван“ ќе продолжи до 5-ти август. Покрај Македонија, истиот настан се одржа и во Босна и Херцеговина, Црна Гора како и Албанија, додека следната дестинација ќе биде Косово.