свет, култура и уметност

„Забранетиот град“: Симбол на кинеската историја и култура

Сместен на површина од 720 илјади квадратни метри, Забранетиот град датира од раниот 15 век и е изграден во стилот на древната кинеска архитектура

Aida Cako  | 24.11.2024 - Обновена : 24.11.2024
„Забранетиот град“: Симбол на кинеската историја и култура Фото: Hakan Nural/АА

ПЕКИНГ (АА) – Во срцето на Пекинг се наоѓа Забранетиот град, историска градба која некогаш била дом на кинеските императори и симбол на нивната врховна моќ, јавува Анадолу.

Сместен на површина од 720 илјади квадратни метри, Забранетиот град датира од раниот 15 век и е изграден во стилот на древната кинеска архитектура.

Овој монументален комплекс, кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО, е една од најголемите дрвени градби што опстанале до денес.

Древните кинески астрономи ѝ доделиле на оваа локација космичко значење, поврзувајќи ја со Поларната Ѕвезда (Ziwei yuan), која ја сметале за центар на небесниот свет.

Благодарение на централната позиција и ограничениот пристап, палатата станала позната како „Забранетиот град“.

- Од престолнина до музеј -

Градбата на Забранетиот град започнала во 1406 година и траела до 1420 година, по иницијатива на третиот император од династијата Минг, Јонгле (1403-1420), кој ја преместил престолнината од Нанџинг во Пекинг.

Во текот на речиси 500 години, палатата била дом и административен центар за 24 императори од династиите Минг и Чјинг. Сепак, со падот на династијата Чјинг во 1911 година, последниот император Пуји (Xuantong) продолжил да живее во палатата, сè до неговото конечно иселување во 1924 година.

Оттогаш, Забранетиот град прераснал во музеј, отворен за јавноста, привлекувајќи милиони посетители од целиот свет кои доаѓаат да ја истражат оваа архитектонска и историска реликвија.

Многумина од нив доаѓаат во посета облечени во традиционалната кинеска облека „Ханфу“, со што ја оживуваат традицијата и културното наследство, што го прави ова место уште повпечатливо.

„Забранетиот град“ е поделен на два дела – надворешен и внатрешен двор. Надворешниот двор, во јужниот дел, ги вклучува трите главни сали: Салата на врховната хармонија (Taihe dian), Салата на централната хармонија (Zhonghe dian) и Салата на зачуваната хармонија (Baohe dian). Тука се одржувале императорските судови и големите церемонии.

Внатрешниот двор, во северниот дел, бил место за живеење на императорот и неговите сопруги, како и за религиозни обреди и административни активности.

Денес, во Забранетиот град нема жители. Но, ова некогашно царско седиште продолжува да сведочи за величината на кинеската историја, култура и традиција, претворајќи се во вечен симбол на минатото и инспирација за идните генерации.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.