Samet Doğan
10 Септември 2016•Ажурирај: 11 Септември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Сириската уметница Зејн Ел Ахмед ги изложи своите дела на 3. Меѓународно триенале во Истанбул. Таа изјави: „При напуштањето на Алепо, од автомобилот ги гледав селата. Наоколу имаше само урнатини. Беше тажно. Знаев дека за последен пат ги гледам Алепо и околните села. Ова многу влијаеше врз мојата уметност“.
Зејн Ел Ахмед, којa по доаѓањето во Турција интензивно е посветенa на уметноста, покрај изложбата на треиналето, има изложено дела и во уметничката галерија „Келимат“ во Кузгунѓук. Во интервју за Anadolu Agency (AA), таа рече дека студирала на Факултетот за уметност во Алепо.
„Ако некој од моите роднини заминеше во странство и ме прашаше каков вид на подарок сакам, јас ќе порачав боја. Секогаш посакував да сликам. Ова е нешто во врска со карактерот. Преку боите можеш да ги рефлектираш сите внатрешни чувства“.
Ел Ахмед истакна дека имала многу среќа поради тоа што нејзиниот татко покажувал голем интерес за уметноста и секогаш ја охрабрувал во нејзиниот сликарски живот. Таа вели: „Татко ми секогаш ѝ даваше предност на уметноста. Тој ги дозна моите способности. Нему му должам многу. Тоа што јас и во овие тешки денови не престанувам да сликам, е затоа што татко ми стои зад мене“.
Ахмет изјави дека поради лошата состојба во Алепо, пред 2,5 години била принудена да го напушти градот.
„При напуштањето на Алепо, од автомобилот ги гледав селата. Околу имаше само урнатини. Тажно беше. Бев свесна дека со ова патување за последен пат ги гледам Алепо и околните села. Ова многу влијаеше на мојата уметност. Тоа нема врска со политиката или со нешто друго. Кај мене се разбуди хуманото влијание. Моите слики ги носат трагите на оваа трагедија. Мојата земја е растурена и во конфузија“, додаде Ахмет.
- „Улиците во Суричи ме носат во минатото, кон животот во Алепо“ -
Зејн Ел Ахмед наведе дека кога првпат дошла во Турција, доживеала многу тешкотии, но по извесно време, многу ѝ помогнале луѓето со кои се запознала. Младата уметница пренесува дека самата научила турски колку да се разбере со околината.
„Ние 5 години сме имигранти. Во тешка состојба сме. Пред една година добив можност да ја направам мојата прва изложба со слики. Работам на тоа да ги завршам моите проекти затоа што сакам да испратам порака до светот. Имам одговорност пред мојот народ активно да го употребувам јазикот на уметноста“, посочи таа. Ел Ахмед кажа дека нејзините слики ги прави во една мала соба во Истанбул и дека е принудена големите табли да ги подели на две. Исто така, таа изјави дека е вљубена во Истанбул и дека улиците во Суричи ја враќаат во минатото, на нејзиниот живот во Алепо.
- „Турција е многу голема земја“ -
Нагласувајќи дека и покрај сите тешкотии што ја очекуваат, ќе продолжи да слика, Ел Ахмед рече:
„Ние тука сме странци и поддршката од луѓето што стојат покрај нас при работата во уметноста за нас претставува големо задоволство. И ние сакаме да дадеме свој придонес за културата и уметноста во Турција. Но овие работи се можни само со поддршка“.
Потсетувајќи и на обидот за државен удар од 15 јули, од страна на терористичката организација ФЕТО, младата уметница рече: „Загриженоста што ја преживеа турскиот народ, ја преживеавме и ние. Таа вечер со сето срце се молев да не ѝ се случи нешто на Турција. Турција е голема земја. Нека им дојде крај на овие болни случувања. Ова покажува дека сѐ ќе се врати на нормала колку што е можно побрзо. Откако ќе ја надмине оваа ситуација, Турција ќе напредува уште повеќе и ќе стане посилна“.