СКОПЈЕ (АА) – Џунејт Давут –
Нурсен Четин Корекен, сценаристката на филмот „Син велосипед“, кој во меѓународна конкуренција доби награда за најдобар филм на 53. Меѓународен филмски фестивал во Анталија, изјави: „Голема радост е да се види дека филмот што го снимивме со децата и со луѓето во Анадолија се прикажува секаде во светот и многу луѓе имаат можност да ја видат нашата богата култура“, јавува Anadolu Agency (AA).
Нурсен Четин Корекен заедно со својот сопруг Умит Корекен го напиша сценариото на филмот. Таа е во посета на Македонија по повод Четвртиот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“, и даде изјава за AА.
Во својата изјава таа кажа дека од својата осумгодишна возраст се занимава со уметност, а со деца започнала да работи уште во факултетските денови.
„Започнав да размислувам што можам да направам за поопширно да покажам дека децата се индивидуи. Ова ме спои со филмот, затоа што токму филмот е нешто што ги спојува сите уметности“.
Корекен раскажа дека најпрво сценариото било напишано како театарска претстава во 2010 година, но подоцна, како што вели таа, размислувајќи како да се даде вредност на ова дело, патот им се отворил со поддршката што ја добиле од Министерството за култура, Европскиот филмски фонд и Европскиот фонд за поддршка на филм.
„Со оваа поддршка, делото прерасна во филм чиј режисер е мојот сопруг“, забележа Корекен.
Таа понатаму рече дека најчесто се стремат кон пренесување на човечки приказни. „Фактот што ’Син велосипед’ е снимен во Анадолија, а својата премиера ја имаше во Берлин, и тоа што пред да влезе во кино-салите беше прикажан на повеќе места во светот, е показател дека сме направиле добра работа“.
Нагласувајќи дека филмот беше прикажан во повеќе држави, Корекен рече: „Голема радост е да се види дека филмот што го снимивме со децата и со луѓето во Анадолија се прикажува секаде во светот и многу луѓе имаат можност да ја видат нашата богата култура. Филмот беше прикажан во Берлин. Сега се прикажува во Македонија, на Четвртиот филмски фестивал за млади ‘Џифони Македонија’, чијшто корен е всушност Италија, понатаму во Русија, Катар, во Грција, на фестивалот ‘Синекид’, во Скандинавските држави, а имаме и преговори за да се прикаже во Белгија и на Филмскиот фестивал во Чикаго“.
Во филмот играат деца кои во својот живот никогаш не биле в кино
Корекен нагласи дека „Син Велосипед“ е првиот турски проект прикажан на Фестивалот „Синекид“ и додаде: „Од 33 проекти, кои учествуваа од различни држави, ние ја добивме наградата ’Најдобар проект’“.
Во врска со фазите на проектот, Корекен изјави: „Во соработка со општината Акшехир, во период од две години работевме со околу 400 деца и млади. Заедно со нив правевме работилници. Им објаснувавме што е тоа филм, како се прави, што е глума, и им објаснувавме колкав труд е вложен во една минута од еден филм што го гледаат. Помеѓу овие 400 деца и млади имаше такви кои никогаш не биле в кино“.
Корекен понатаму раскажа дека во првата фаза од проектот, бројот од 400 го намалиле на 100 деца, и со нив направиле посебна работилница. Во работилницата на децата не им било дадено сценарио, туку секоја тема поврзана со филмот им била прикажана преку програма, користејќи се со драма.
„Материјалите користени во филмот се изработени од страна на децата. Работевме на тоа децата да немаат трема од камерата, туку да ја прифатат. На крајот, тие изведоа перформанс, како искусни актери“, истакна Корекен.
„Стотици деца стоеја во ред за да добијат автограм од нив“
Корекен пренесе моменти од Берлинскиот филмски фестивал на кој учествуваа: „И покрај тоа што не го знаат јазикот, децата им поставуваа прашања на нашите деца. Тие им одговараа. Кога излеговме од кино-салата, овие три деца седнаа зад една маса. Стотици деца стоеја во ред за да добијат автограм од нив. Како да беа во сон. Ова беше прекрасно нешто. Беше отворање на еден прекрасен прозорец во нивниот свет преку нас. Духовното задоволство не може да се опише со зборови“.
Анадолската култура е присутна и на Балканот
Корекен изјави дека е родена во Бугарија, но поради тоа што морале да мигрираат, се вратиле со семејството во Турција. „Ги разбирав и ги воочував и двете култури, и ова го перципирам како обединувачка мисија. Почувствував дека треба да преземам чекор со оваа одговорност и да го раскажам тоа“.
Во врска со балканскиот филм, Корекен нагласи дека и на Балканот е присутна анадолската култура. „Но, поради тоа што доаѓа од друг систем, сега е во фаза на обновување. Некои работи се рушат и на нивно место се градат нови. Поради ова, сметам дека оваа индустрија сѐ уште не е на своето место. За ова е потребно време“.
На крајот, Корекен изјави дека по „Син велосипед“ има многу проекти на кои работи.
„Моментално работиме на три долгометражни проекти. Едниот е мултипартнерски. Можно е некој од соработниците да биде од Македонија. Вториот е поспецифичен за Турција и размислуваме да биде комерцијален. А третиот, сакаме да биде арт-хаус филм“.