Admir Fazlagic
22 Октомври 2016•Ажурирај: 23 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - На големата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје, со театарската претстава „Спокој" настапи ансанблот на Истанбулскиот државен театар, јавува Anadolu Agency (AA).
Гостувањето на ансанблот на Истанбулскиот државен театар во Скопје е во рамките на турнејата во Македонија која започна на 20 октомври во Тетово а завршува со нивното вечерашно гостување во Скопје, кое го следеа голем број љубители на театарската уметност.
Инаку, режисер на претставата „Спокој" е Нурулах Тунџер, а адаптирана е според истоимениот роман на писателот Ахмет Хамди Танипинар.
„Неколку часа пред почетокот на Втората светска војна, Мумтаз излегува да купи лекови за неговиот братучед Ихсан кој лежи болен во кревет. Додека чека да ги подготват лековите, влегува во една продавница за стари работи и токму во тој момент се присеќава на сите важни настани од претходната година, на сите луѓе кои учествувале во тие настани и на сите работи кои влијаеле врз неговиот живот: Нуран, жената што ја сака; Суат, човекот чие самоубиство доведе до крај на нивната врска; тука е и братучедот Ихсан и неговата жена Масиде, кои го прибраа да се грижат за него откако ја загуби фамилијата. Во тие сеќавања е и старата музика, книгите, Истанбул... Така лебдејќи помеѓу сонот и јавето, тој почнува да се сомнева во љубовта, во животот, во смртта... Под закана од војната што е на прагот Мумтаз, како интелектуалец на неговата ера, е притиснат помеѓу индивидуалната несреќа и општествените одговорности. Претставата е приказна за Мумтаз кој е во потрага по спокој", се вели во краткото објаснување и претставување на оваа театарска претстава која за прв пат била одиграна на 4 октомври на Студиската сцена во Ускудар, во Турција.
Во претставата играат 16 актери: Нимет Ијиѓун Налбант, Селен Нур Саријар, Озан Хикмет Озџан, Бурак Чаглар, Мелис Тузџуоглу, Јусуф Џан Санџакли, Киванч Ќуркчу, Енвер Неџметин Амач, Ѓохан Туркал, Бурџу Бахар Ајдин, Рана Бујукјилмаз, Толга Кортунај, Дамла Еџе Дерели, Кубилај Карслиоглу, Хакан Елмасоглу и Оркун Ѓулшен.