Furkan Abdula
20 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа прес-конференција по повод 38. издание на фестивалот „Скопско лето 2017“ организирано од страна на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура, јавува Anadolu Agency (AA).
Фестивалот „Скопско лето 2017“ оваа година почнува на 21 јуни, а во рамките на овој фестивал љубителите на уметноста ќе имаат можност до 31 јули да следат разни настани, изложби, театарски претстави и концерти, во кој ќе настапат познати имиња во областа на музиката.
На првиот ден од фестивалот, во среда на улицата Македонија во Скопје ќе се одржи концертот на „Летни Ноти“, истовремено на оваа улица љубителите на уметноста ќе имаат можност да го следат проектот „Мисли Слобода“ на Едина Селесковиќ, проект кој е комбинација на скулптура, инсталација, перформанс, светлина, звук, филм и пишан збор.
Организаторите соопштија дека во среда (21 јуни) ќе се одржи свеченото отварање на Скопско Лето 2017 со концертот на познатиот турски музичар и композитор Омер Фарук Текбилек кој ќе настапи со неговиот оркестар во во 22:00 часот во Македонската опера и балет во Скопје, додека концертот ќе се организира во соработка со Турскиот институт „Јунус Емре“ во Скопје.
Мирко Стефановски од Дирекцијата за кулрута и уметност – Скопје, истакна дека со сите овие настани кои тие ги организираат, имаат желба да остават забележливи траги во културата на градот. Во врска со турскиот музичар Текбилек, Стефановски пренесе дека тој е вистинската личност којашто не само со својата музика туку и со својата личност, интелектуалност, персоналитет ќе ги обележи сите идни години во градот.
„Затоа сакам да кажам дека сме пресреќни што имавме можност стотици уметници да ги поздравиме во нашиот град, и еве, неслучајно свеченото отварање му го доверуваме на Омер Фарук Текбилек“ истакна Стефановски.
Од друга страна, Омер Фарук Текбилек кажа дека е многу среќен што е дел од еден ваков фестивал.
„Јас како музичар секогаш верувам, и во мојот живот видов, дека музиката и танцот се најубавите фактори кои ги зближуваат луѓето, но и ни помагаат да ја разбереме суштината на сите нас“, вели Текбилек.
Тој информираше дека на својот концерт во среда ќе изведе песни од своите албуми, илахии и фолклорна музика.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, истакна дека како во изминатите години така и оваа година Градот Скопје е поддржувач и покровител на организацијата на Скопското Лето. „Се надевам дека оваа година ќе биде уште подобро од претходните години“, истакна Трајановски.
Омер Фарук Текбилек е мајстор на традиционалниот инструмент 'неј', а свири и на различни традиционални духовни инструменти, кој ги допира нашите чувства со својата музика.
Манифестацијата „Скопско лето“, која нуди богата програма со многу настани од различни сегменти од културата, трае 40 дена. Во културните настани во рамките на оваа манифестација настапуваат локални изведувачи, како и други изведувачи од балканските земји и пошироко.