Admir Fazlagic
08 Октомври 2017•Ажурирај: 09 Октомври 2017
ВЕЛЕС (АА) - Традиционалната манифестација „Питијада 2017“ и изложбата на стари автомобили, олд-тајмери, од различни произведувачи овој викенд го збогатија културно-забавниот живот во градот Велес, кој овие денови поради богатата рекреативна програма го посетија илјадници граѓани не само од Македонија, туку и од земјите во соседството, јавува Anadolu Agency (AA).
Сончевото време по вчерашниот студен ден, богатата културно- забавна програма денеска на едно место собраа голем број граѓани кои уживаа во убавото време, велешката пита, подготвена на традиционален начин, народната и забавната музика, како и во изложбата на автомобили кои денеска ги красеа велешките улици.
Манифестацијата „Питијада 2017“ по која Велес стана препознатлив, бидејќи е традиција во изминатите 14 години, оваа манифестација да се одржува во месец октомври, кога се собрираат десетици илјади граѓани од сите градови од земјата и соседството уживајќи во дегустацијата на веќе препознатливиот велелешки бренд - питата пастрмајлија.

Вообичаено, секоја година, над 20 илјади пити пастрмајлији се јадат за време на „Питијадата", а ништо поразлично не беше ниту годинава.
Во Велес овој специјалитет се прави од 1862 година, односно 155 години. Во минатото, пастрмајлијата ја подготвувале велешките домаќинки и фурнаџии, а денес се подготвува и во велешките домаќинства.
Пастрмајлијата е вид бренд на велешките кафеани и ресторани и бренд на Велес по кој градот е познат не само во Македонија, туку и пошироко во земјите на регионот.
Организатор на „Питијадата 2017“ е Општина Велес, која се погрижи годинава да има богата забавно-музичка програма, на која вчера настапи една од најголемите музички ѕвезди на Балканот Здравко Чолиќ.
- Олд тајмерите ги разубавија велешките улици
Освен во традиционалната велешка пита, бројните посетители на градот Велес имаа прилика да ги видат и старите автомобили во рамките на изложбата организирана од здружението „Kings of the Streets" кои се потрудија втора година по ред да претстават што поголем број автомобили.

Борче Мирчевски од здружението „Kings of the Streets" изјави дека на оваа изложба на стари автомобили има 50 учесници од целата држава, но и од Србија, од градот Ниш.
„Се потрудивме и оваа година да имаме интересни автомобили кои ретко каде денеска можат да се видат. Има различни модели, Опел, Форд, Застава, Мерцедес, минимориси, но и други модели кои го привлегоа вниманието на голем број љубители на автомобилите од постарата генерација", рече Мирчевски.
Меѓу претставените автомобили, како што рече Мирчевски, најстар е Опел Олимпија од 1952. година.