Toni Avramov
13 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Учесници од повеќе европски земји и посетители речиси од целиот регион беа присутни на традиционалната ревија на расни кучиња којашто се одржа денес во Гевгелија, јавува Anadolu Agency (AA).
По деветти пат Кинолошкото друштво „Кожуф“ ја организираше Меѓународната изложба на кучиња „Гран при Гевгелија 2018“.

На терените на Негорски Бањи, убавото време и големиот број пријавени учесници, го привлекоа вниманието на љубителите на домашни миленичиња кои оставија вистински атрактивен впечаток.
На дводневната изложба, којашто беше поддржана од ветеринарни факултети, и институции од земјава, беа претставени над 240 расни кучиња, а престижната награда Гран-при му припадна на Стафордшир бултериер во сопственост на Панајотис Босинис од Грција.
Судии од Турција, Италија, Грција, Србија и Македонија ги оценуваа пријавените кучиња кои се натпреваруваа во повеќе класи и тоа: беби класа, класа на најмлади, класа на млади, интермедија, класа на работни кучиња, класа на шампиони и ветерани.
За АА, судијата од Турција, Озан Белкис, истакна дека е среќен поради неговото учество како судија на ова натпреварување, а посебно изрази задоволство од големото гостопримство.

„Викендов во Гевгелија се одржа меѓународниот натпревар за кучиња на кои учествувам како судија. Средината е многу убава. Учествуваат натпреварувачи од целиот Балкан и од Турција. Колку што сум запознаен, има натпреварувачи и од други европски земји. Среќен сум поради моето присуство на ова меѓународно натпреварување и многу сум задоволен од гостопримството на домаќините“, истакна Белкис.
Првиот ден, кучињата се натпреваруваа во таканаречената категорија „специјалки“, поединечно и во парови со што квалитетот беше свртен на изгледот на кучето во неговата раса почнувајќи од неговата висина, боја на влакното, обликот на телото, обликот на главата, ушите и очите, како и аглите на нозете и држењето на опашот, а вториот ден натпреварите се одвиваа во класи.
Суштината на натпреварувањето во Гевгелија е да се потенцира доусовршувањето на расите во нивниот изглед и карактер, односно правилна селекција, со можност да се отстранат сите вродени аномалии или пак нивниот процент да се сведе на минимум, велат од кинелошкото друштво „Кожуф“, кои во последните години особено внимаваат на квалитетот на изложбата.