Ahmed Abdelsalam Ahmed Nassr,Zeynep Tüfekçi
21 Октомври 2016•Ажурирај: 21 Октомври 2016
РИЈАД (АА) - Тридневното примирје во Јемен стапи на сила на 19 октомври, во 23.59 часот, а оттогаш е прекршено 43 пати, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот за примирје треба да го спречи пролевањето крв и да овозможи да биде испратена хуманитарна помош, за која е потребен непречен премин во цел Јемен. Од завојуваните страни се бара да се држат до ветувањето. Меѓутоа, во текот на првите 24 часа од примирјето во Јемен, во експлозија на ракета загина едно дете, а беа ранети уште две лица во подрачјето Јазан, на границата меѓу Јемен и Саудиска Арабија.
Според наводите на саудиската Цивилна заштита, по стапувањето на сила на 72-часовното примирје, во подрачјето на Јазан падна ракета, при што загина едно дете, а беа ранети татко и син.
Саудиската телевизија Ихбарије наведува дека примирјето е прекршено и во подрачјето Таиз и Ад-Дали, како и во Нехем во главниот град Сана. Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза којашто кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна кога бунтовниците, предводени од шиитското движење Хуси, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Претседателот на Јемен, Абд Рабо Мансур ел Хади и неговата влада побегнаа во Саудиска Арабија, а јужниот град Аден моментално е административен центар на меѓународно признатата јеменска влада. Конфликтите во Јемен дополнително ескалираа во март минатата година, кога Саудиска Арабија со своите арапски сојузници започна со воздушни напади на позициите на бунтовниците во Јемен.