Dzihat Aliju
23 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на амбасадата на Исламската Република Иран, денес во Скопје започна Неделата на ирански филм, јавува Anadolu Agency (АА).
На отворањето на Неделата на ирански филм, кое се одржа во Кинотеката на Македонија, присуствуваше амбасадорот на Исламската Република Иран во Скопје, Хусеин Карими, претставници на разни амбасади во земјата, како и љубители на филмот.
Амбасадорот на Исламската република Иран во Скопје, Карими, во изјавата за АА рече дека како и во претходните години, така и оваа година одлучиле да организираат недела на ирански филм.
Тој изрази уверување дека историските и културните корени меѓу македонскиот и иранскиот народ се многу слични, истакнувајќи дека иранскиот народ е заинтересиран за македонската култура и цивилизација, а луѓето во Македонија се заинтересирани за иранската култура и уметност.
Карими нагласи дека најдобар начин да се приближат културите и народите на две земји е преку прикажувањето на филмови.
Иранскиот амбасадор изјави дека неговата земја постигнала голем напредок во кинематографијата во последниве години.
„Како од технички аспект на реализација, од аспект на содржината на филмовите, како и според начинот на реализирање на филмовите, иранската кинематографија успеа на светот да му претстави нов стил на создавање филмови, кој беше добро пречекан и засакан од љубителите на филмската уметност во светот. Се надеваме дека со организирањето на неделата на филмот, граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност да се запознаваат повеќе со иранскиот филм”, изјави Карими.
Тој најави дека Секторот за култура во амабасадата на Исламската Република Иран успеа да направи колекција од неколку филмови за оваа недела, кои можат да привлечат два вида гледачи, професионалниот и нормалниот гледач.
„Филмовите се од режисери од Иран, но и од различни земји од светот. Тие се добро познати режисери чии дела се познати на јавноста не само во Иран, туку и надвор од Иран”, рече тој.
Карими додаде дека во изборот на филмските теми се направени напори за вклучување на културни и емотивни теми, како и теми од полето на меѓучовечките односи.
Почнувајќи од денеска до 27 јануари, љубителите на филмот ќе имаат можност да проследат различни филмови од иранската кинематографија.
Во текот на Неделата на иранскиот филм ќе се прикажат филмовите: „Слаткиот вкус на имагинацијата“ во режија на Камал Табризи, „Еднаш, љубов и предавство“ во режија на Давуд Бидел, „Базен за сликање“ на Мазиар Мири, „Сосема сам“ во режија на Ехсан Абдипур, „Коцка шеќер“ во режија на Реза Миикарими и „Толку блиску, а толку далеку“ во режија на Реза Миркарими.