Admir Fazlagic
22 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на бројни љубители на современата уметност, во изложбениот простор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје беше отворена изложбата „Viva la Musica“ („Да живее музиката“) на скулпторот Исмет Рамичевиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на изложбата беа претставени дваесетина различни музички инструменти во форма на куршум, а авторот Рамичевиќ, вели дека една од пораките на изложбата е да се отфрли тој елемент и да се оди во друг правец, во кој ќе владее хармонијата.
„Сите изведени инструменти се во облик на куршум. Има многу силна симболика за мене, а се надевам и за останатите. На оваа изложба се застапени дваесетина инструменти, меѓу кои се сазот, канонот, албанската чифтелија, гуслите, како и многу инструменти од Балканот и пошироко. Се обидов да бидат застапени инструменти од сите континенти од светот, да бидат зближени сите култури и да имаме некоја хармонија“, рече Рамичевиќ.

Додаде дека на овој проект работи долго време, и дека со своите уметнички дела сака да го одбележи времето во кое живее.
„Насловот е „Viva la musica“, или во превод „Да живее музиката“, затоа што реалиниот свет е опкружен со војни и неубави работи. Токму така ја насловив изложбата, а носител на скулптурскиот облик, симболично е куршумот“, истакнува Рамичевиќ.
Изложбата ја отвори мултиинструменталистот Џенгиз Ибраим од Скопје, кој свири на повеќе инструменти, а негов главен инструмент е канонот. „Џенгиз Ибрахим свиреше на повеќе инструменти во галерискиот простор и го спои канонот со мојот инструмент кој е измислен, но во кој има моменти од различни култури“, објасни Рамичевиќ.
За посетителите изложбата ќе биде отворена во наредните 20 дена во изложбениот простор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Скулпторот Исмет Рамиќевиќ е роден во 1960 година во Дубница, Сјеница, Србија. Дипломирал во 1985 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел Скулптура. Работи како вонреден професор по предметите Вајање, Вајарски техники и Цртање на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Досега реализирал повеќе самостојни изложби во повеќе градови во земјата, регионот и пошироко, меѓу кои во Виена, Рим, Лондон, Брисел, Париз, Вашингон и Њујорк.