Admir Fazlagic
18 Мај 2018•Ажурирај: 19 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денес, на централниот градски плоштад во Скопје се одржа традиционалната манифестација „Матурска парада 2018“, на која учествуваа околу 1.000 матуранти од средните училишта во Скопје, како и матуранти од повеќе градови од земјата, меѓу кои од Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и Куманово, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако беше прочитана пораката за ненасилство, преку Македонското радио – Радио Скопје беше преземен сигналот од Радио Словенија, од каде што се емитуваше Штраусовата опера „Лилјакот“, на која матурантите го изведоа својот танц квадрил.
Матурантите од Скопје танцуваа истовремено со нивните врсници од 62 града од различни земји во регионот и светот, меѓу кои во Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.
На манифестацијата присуствуваше градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој во својата порака до матурантите истака дека тие во текот на целиот свој живот треба да ја задржат енергијата и ентузијазмот, како и со посветеност и љубов да го работат за она за што ќе се определат.
„Матурска парада“ за првпат се одржа во 2001 година во Љубљана, а во Македонија, за првпат беше организирана во 2007 година, во Скопје и во Охрид, под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на Европската Унија.