Admir Fazlagic
17 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во периодот 23 - 26 април оваа година во Скопје со поддршка на Генералниот директоријат за кинематографија при Министерството за култура и туризам на Република Турција ќе се одржи Недела на турски филмови и кинематографска работилница Турција - Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на Неделата на турски филмови ќе се прикажат шест еминентни долгометражни филмови и два документарни филмови, со присуство на режисерите и актерите на самите филмови, и воедно ќе се организира Кинематографска работилница Турција - Северна Македонија, на која ќе се сретнат најзначајните имиња од областа на кинематографијата на двете земји и која ќе понуди можност за продлабочување на соработката од оваа област помеѓу двете земји.
Инаугурацијата на Неделата на турски филмови ќе се одржи на 23 април 2019 – вторник, во новиот Комплекс на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде што ќе се прикаже првиот филм „Балкајмак“, кој е снимен во Северна Македонија.
На инаугурацијата ќе учествуваат и режисерот на филмот „Балкајмак“, Онур Тан, како и познатите актери од Турција, Тарик Унлуоглу, Ѓуленај Калкан, Октај Кајнарџа, Јунус Емре Јилдиример, Мелиса Јилдиример и Сабина Тозија од Скопје.
По прикажувањето на филмот, ќе се реализира и дебата за него со режисерот и актерите во филмот.
На 24 април 2019 во Скопје ќе се одржи Кинематографската работилница Турција - Северна Македонија на која ќе учествуваат претставници од министерствата за култура на двете земји и познати имиња од кинематографската област од Турција и Северна Македонија.
На работилницата ќе се презентираат и субвенциите кои ги нуди Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, кои веруваме дека ќе придонесат во насока на продлабочувањето на и онака добрите односи помеѓу двете земји во оваа област.
Воедно во периодот 24 - 26 април 2019, во рамки на Неделата на турски филмови, во кино „Милениум“ во Скопје и во Комплексот на Меѓународниот балкански универзитет – Скопје, во разни термини ќе бидат прикажани следниве филмови: „Каос“ (режисер-продуцент: Семир Асланјурек), „Ајдеде – патување кон месечината“ (режисер: Абдурахман Онер; продуцент: Арзу Шенсес Онер), „Хуркуш – херојот на небото“ (режисер: Кудрет Сабанџи), „Халеф“ (режисер: Мурат Дузгуноглу) и „Сите блаженства се возможни“ (продуцент: Зулфиќар Курум).
По прикажувањата љубителите на кинематографијата ќе имаат можност да дебатираат со самите режисери во врска со филмовите.
Исто така, во периодот 24 - 26 април ќе се прикажат и документарните филмови „Ѓобеклитепе“ (автор: проф. д-р Огуз Макал) и „Тамбурица“ (автор: Сали Салији), каде што љубителите исто така ќе имаат можност да дебатираат со авторите.
Неделата на турски филмови и Кинематографската работилница Турција - Северна Македонија свечено ќе биде затворена на 26 април 2019 со концертот на Балканскиот симфониски оркестар на Универзитет „Тракија“ од Турција, што ќе се одржи во Комплексот на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.