Senita Şeherçehayiç
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ЊУЈОРК (АА) - На воодушевување на бројните љубители на неговата музика, но и на останатите, овие денови метро-станицата „Бродвеј-Лафајет“ во Њујорк е украсена со фотографии на рок-ѕвездата Дејвид Боуви, јавува Anadolu Agency (АА).
Фотографиите, на кои е прикажан Боуви во различни фази од неговата кариера која заврши со неговата смрт во јануари 2016 година, беа поставени долж ѕидовите на оваа метро-станица во соработка со музејот „Бруклин“ во кој до 15 јули е поставена изложбата „Дејвид Боуви е“ (David Bowie is). Во музејот се изложени околу 400 лични предмети и предмети кои Боуви ги користел за време на својата уметничка кариера.
Билетите за оваа изложба беа продадени за многу кратко време. Но, до 13 мај, на посетителите и корисниците на њујоршкото метро, односно на станицата „Бродвеј - Лафајет“, во чија близина се наоѓаше и домот на Боуви во Њујорк, овозможено им е преку изложбата на фотографии да почувствуваат барем дел од нејзината атмосфера.
Покрај тоа, изложбата во метро-станицата е реализирана во соработка со музејот „Бруклин“ и „Спотифај“ (Spotify), на којашто секоја фотографија има бар-код кој може да се скенира и овозможува слушање на една песна на Дејвид Боуви на платформата Спотифај.