Mustafa Keleş
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Потпретседателот на Владата на Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека од страна на Турција сѐ уште нема конечен став за тоа дали американски официјални лица стојат зад обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО; отсуството на реакција на САД, веднаш, во врска со обидот за државен удар, за турскиот народ претстравува пречка во поставувањето пријателски и партнерски односи меѓу двете земји, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Куртулмуш во Њујорк одржа брифинг за турските новинари, при што ги оцени средбите во САД.
Тој истакна дека во Њујорк и во Чикаго реализирал многу корисни средби во коишто претежно се разговарало за обидот за државен удар на ФЕТО, операцијата „Штитот на Еуфрат“, борбата против ДАЕШ, ПКК, ПЈД, како и за позицијата на Турција.
Куртулмуш рече дека при средбите тој бил прашуван во врска со обидот за државен удар што го изведе ФЕТО во Турција и за поврзаноста на САД со оваа тема:
„Ставот на Турција е јасен: Турција сѐ уште нема заземено став и мислење дека зад обидот за државен удар стојат американски официјални лица. Во врска со ова не се пронајдени никакви докази или аргументи; но нереагирањето на САД, веднаш, против обидот за државен удар, за турскиот народ претставува пречка во поставувањето пријателски и партнерски односи меѓу двете земји. Ова им го кажавме и ним. Покрај ова, им предадовме 80 килограмски пакет со документи, информации и изјави. На американските институции и служби им предадовме документи што докажуваат дека Ѓулен стои зад ова. Затоа посакуваме колку што е можно поскоро да се истражат овие документи. Предајте го овој човек колку што е можно поскоро на Турција или приведете го и од наш аспект олеснете ни ја процедурата во процесот, тој да се одвива нормално“.
Куртулмуш истакна дека договорот за екстрадиција меѓу Турција и САД е многу јасен и дека Турција има право да побара неговата екстрадиција сѐ додека има отворена кривична постапка против него.
Куртулмуш истакна дека се свесни оти екстрадицијата не е политички, туку правен процес, и ќе трае долго време, и додаде: „Ние всушност, во неколку наврати отворено рековме дека ова лице, овој човек, сакаме да биде фатен и екстрадиран во Турција“.
- „Борбата со ФЕТО е државна политика“ -
Наведувајќи дека посакува американските институции да се однесуват со емпатија, Куртулмуш рече: „Доколку некој во Америка се обиде да изврши државен удар врз легитимната власт и тој дојде во Турција и живее, на пример, во некоја резиденција како Чанкаја, тие би го чувствувале истото го чувствуваме ние“.
Тој исто така посочи дека обидот за државен удар не бил само против партијата на власт, туку и против власта и против опозицијата, како и против сите тие што ја прифаќаат демократската политика.
Потсетувајќи дека борбата против ФЕТО претставува државна политика, Куртулмуш изјави: „По ова, да дојде некоја друга влада на власт во Турција, во рамките на одлуките на Националниот совет за безбедност, таа е должна да се бори против ФЕТО. Уште повеќе што по 15 јули оваа борба претставува должност што треба да се води без престан во чест на загинатите херои, во чест на опстанокот на Турција и поради иднината на Турција“.
Куртулмуш истакна дека борбата против ФЕТО ќе биде многу долга. „Ова јасно го гледаме: припадниците на ФЕТО нема да се предадат и да кажат ‘ние сме поразени и нашата работа заврши’“. Ние треба да се бориме против нив во целиот свет, преку посебни операции на перцепции. Ќе биде потребно да им возвратиме на негативната кампања што ќе ја водат против Турција“, рече Куртулмуш.
- „Активирани се терористичките организации“ -
Истакнувајќи дека во рамките на посетите било разговарано и за операцијата „Штитот на Еуфрат“, Куртулмуш рече дека Турција е мобилизирана за да ги заштити своите граници од нападите на ДАЕШ и ПЈД. Куртулмуш исто така наведе дека ова право произлегува од меѓународносто право и дека сите страни уште од порано биле информирани за ова.
Куртулмуш рече дека во врска со ова, Турција има три црвени линии: прво обезбедување безбедност на границите, второ попречување на можноста ПЈД да отвори коридор во Сирија, со што се заштитува територијалниот интегритет на Сирија и трето е целосното повлекување на ПЈД источно од реката Еуфрат.
Истакнувајќи дека од јули минатата година Турција во целост е нападната од терористичките организации, Куртулмуш рече: „Од една страна ДАЕШ и ПКК, од друга страна другите терористички организации. Сите овие се управувани од иста темна соба и со едно стискање на копчето, едновремено преминаа во акција“.
„Никој да не очекува од нас да бидеме толерантни против терористичките организации“, рече Куртулмуш и додаде дека Турција има сила ефикасно да се бори против сите терористички организации.