Admir Fazlagic
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството за култура оствари работна средба со делегација од државните театри на Турција предводена од директорот Ерџан Серин, која престојува во Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Министерството за култура на Република Македонија, повод за посетата е минатонеделната билатерална средба на министрите за култура на Република Македонија и на Република Турција, Елизабета Канческа-Милевска и Наби Авџи, на која, меѓу другото, како што информираат од министерството, станало збор и за интензивирање на изградбата на новиот објект на Турскиот театар - Скопје во која, како се наведува, ќе партиципира и турската влада.
„На средбата Канческа-Милевска изрази благодарност до својот турски колега за големата посветеност во реализацијата на културната соработка, која наскоро ќе биде потврдена и со потпишување на новата програма за соработка меѓу двете земји", пишува во соопштението.
Се соопштува дека членовите на делегацијата од државните театри од Турција ја информирале министерката за култура на Македонија за извршениот увид во изградбата на Турскиот театар во Скопје.
„Гостите од Турција, потврдувајќи ја, традиционално одличната соработка во сите сегменти од областа на културата, ја информирале министерката за култура за извршениот увид во изградбата на Турскиот театар, како и за обезбедувањето на сите технички информации кои ќе послужат за преземање следни чекори во изградбата на објектот".
На средбата, на која присуствувал и директорот на Турскиот театар Атила Клинче, било оценето дека реализацијата на проектот е од особено значење и треба што поскоро да се заврши со што ќе се овозможи Театарот да ги презентира своите уметнички креации во нов објект изграден според сите светски стандарди, информираат од Министерството за култура на Република Македонија.