Elena Trenchevska Chekovic
26 Август 2025•Ажурирај: 27 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Капуерата, бразилски термин што ги спојува борбата, танцот и музиката, има силно присуство во фавелите на Рио де Жанеиро, пишува Анадолу.
Во населби како Рочиња и Маре оваа боречка вештина е важен елемент на идентитетот и отпорот за жителите.
Корените на капуерата носат потекло од богатата култура на Бразил, односно од заробените Африканци кои живееле на тие простори. Тие го користеле танцот за да ги прикријат тренинзите на боречки вештини, од што настанала капуерата.
Неколку социјални проекти ја користат оваа боречка вештина како алатка за трансформација, преку образовни активности, поттикнувајќи дисциплина и самодоверба кај децата и младите. Младите ја практикуваат уметноста на плочниците и уличките на фавелите, претворајќи го секојдневниот простор во полигон за тренинг.
За многумина, капуерата е засолниште, начин да се дистанцираат од криминалот и да замислат нови цели за иднината.
Во средина на урбаниот конфликт меѓу полицијата и трговците со дрога, боречката вештина стои и како културна традиција и како штит на заштита.