Edıta Zekjırovıkj
27 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
СКОПЈЕ (АА)
- Едита ЗЕЌИРОВИЌ
Чекорењето надвор од границите е трнлив пат, но пат кој води до доживување целосна слобода во креативноста, што може да донесе неверојатни резултати. Токму тоа е посебноста на кинетичката уметност, чии уметници создаваат скулптури кои отскокнуваат од статичната изработка и создаваат визуелно патување за гледачите.
Владимир Ѓоргиев (52) од Скопје пред седум години се одлучува да чекори по тој пат. Тој за Агенција Анадолија (АА) раскажа дека запознавањето со кинетичката уметност било ‘љубов на прв поглед’. Воодушевен од совршениот изглед и механизам на скулптурите, посакал да поседува една за себе, а неможноста да ја најде на овие простори е главна причина тоа да стане негова пасија.

„Сакав да пробам сам да направам нешто такво. Влегов малку посериозно во целата приказна и видов дека тука има многу знаења од многу работи и многу занаети за да се дојде до некој убав резултат. Така што почнав да докупувам некои алати, а за некои алати што ги докупив морав да го научам занаетот“, раскажа Ѓоргиев.
- Како се изработува една кинетичка скулптура?
Ѓоргиев вели дека процесот на изработка на овие скулптури може да трае неколку дена или пак, недели во зависност од комплексноста на скулптурата, бидејќи секој дел рачно се изработува.
„Голем дел од времето се троши на замислата, како тоа да изгледа, колкаво да биде, колку сегменти да има во скулптурата, па форма на скулптурата исто треба да се измисли, да се запомни, да се нацрта. Секој сегмент има посебна големина, не се сите исти. Така да додека да се почне да се работи има доста време“, раскажа Ѓоргиев.

- Скулптурите го отсликуваат долгогодишниот труд
Навраќајќи се на деновите кога почнувал со изучување на техниките, Ѓоргиев истакна дека наишол на многу пречки, му биле потребни години, но со многу труд, успеал да го постигне посакуваното – неговите скулптури се движат со помош на ветер.
„Мене никој не ми ја кажал тајната, морав сам да измислувам... На интернет ја гледаш само надворешноста, внатре системот никој не ти го кажува. Ќе си измислиш твој. И уште не знам како функционира системот на другите уметници, како им е направен системот со лагери внатре, не знам. Никој не го кажува тоа“, објасни Ѓоргиев.

Досега изработил околу триесет скулптури, а убавината на секоја изработена скулптура, како и восхитот и позитивната реакција што ја забележува кај гледачите го хранат поривот на Ѓоргиев да продолжи да ја негува уметноста преку своето уникатно хоби.