ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -
Уличната уметност во албанскиот главен град Тирана се практикува во различни форми, носејќи му поинаков изглед на овој град, но исто така привлекувајќи го вниманието и љубопитноста на граѓаните, особено кога станува збор за муралите или натписите кои ги менуваат фасадите на зградите, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во Тирана има многу улични уметници, од пејачи и инструменталисти до сликари кои со својата страст го оживуваат уште побучниот живот на главниот град на Албанија, но и го привлекуваат вниманието на локалното население и странските туристи кои го посетуваат главниот град.
Во последните години се издвојуваат муралите на младиот Франко Дине, првиот албански уметник лиценциран за улична уметност, кој го промени изгледот на фасадите во Тирана.
Меѓу другото, преку оваа уметност тој презентира пораки на различни теми кои влијаат врз различните сфери на општеството, а од друга страна ја носи во Тирана специјалната улична уметност, менувајќи го изгледот на фасадите на зградите на некои од главните улици на градот.
Дине, 28-годишен уметник со потекло од Валона кој веќе неколку години живее во Тирана, ги заврши студиите на Универзитетот за уметности во Тирана на Отсекот за слободни графички уметности, додека покрај школувањето во Албанија, учествуваше и на обуки за графика во Италија и Луксембург.
Франко Дине во разговорот за Агенција Анадолија (АА) истакна дека желбата за ваков вид уметност се родила од страста да го изрази својот талент и да ја развива и изложува својата уметност со цел да остави трага во градот.
- Мурали со пораки од општествена тематика -
Додека шетате по некои од главните улици во близина на центарот на Тирана можете да ги видите делата на Франко, кои веќе станаа популарни не само во Албанија, туку дел од нив и во странство, бидејќи неговата уметност ја промовира самиот тој реализирајќи некои проекти и во други земји.
Еден од неговите најпознати мурали е насловен „Двајца браќа“, кој се наоѓа на една од главните улици во близина на центарот на главниот град, каде се прикажани две деца како носат облека со знамињата на Албанија и Косово и се прегрнуваат едни со други, упатувајќи порака за братството меѓу Албанија и Косово. Во врска со делото „Двајца браќа“, Дине вели дека неговиот мотив за овој мурал е пријателството и љубовта меѓу, како што рече, големиот брат и малиот брат од двете земји и потенцирање на патриотизмот меѓу Албанците.
Франко во своите дела користи разни теми за семејството, животната средина, негативните појави кои влијаат врз општеството, но што е најважно, тие имаат за цел да пренесат пораки покрај тоа што се дела на уличната уметност.
„Темите на кои се осврнувам се социјалните теми кои влијаат на повеќето во општеството, не само во Албанија, туку и во странство. Темите се семејното насилство, насилството врз жените, насилството врз децата, загадувањето на животната средина, кое е нешто што треба да влијае врз сите нас. Секој од нас треба да ја даде пораката и да стори нешто за оваа голема земја во која живееме, за овој голем дом што го имаме. Како и загадувањето на океаните“, нагласи Дине.
Тој истакна дека проблемите, кои не се случуваат само во Албанија туку и во целиот свет, влијаат врз него како уметник да започне со реализација на мурал кој на крајот влегува во културното наследство на Тирана.
Неговото уметничко делување најмногу е фокусирано во Тирана, додека некои дела што ги направил во други градови во земјата како Валона, Фиер и Драч се избришани или оштетени. Пораката што тој ја има до граѓаните е да се грижат и да не ги оштетуваат неговите дела.
Но, неговата уметност ги премина границите на Албанија, бидејќи Франко го практикуваше овој вид уметност и во неколку други земји, реализирајќи мурали во Италија, Грција и Луксембург, но учествуваше и на меѓународни фестивали со странски уметници.
На крајот Франко рече дека сака, и има намера да продолжи и да го развива овој вид уметност.
Љубопитните граѓани се фотографираат покрај муралите направени од Дине, многумина ги препознаваат од социјалните мрежи и застануваат да ги видат со љубопитност пораките што ги носат овие мурали.
Франко остава траги од својата уметност на фасадите на зградите во Тирана, продолжувајќи со муралите да ја развива својата уметност и во истовреме да ги пренесува оние пораки кои се највлијателни за градот, општеството, но и пошироко.
Во Тирана има десетици дела кои го носат неговиот потпис. Тој и за време на изолацијата не престана да работи на муралите посветувајќи еден од нив на пандемијата, насловен како „Отровна земја“, кој беше рангиран меѓу 15-те најдобри мурали во светот во рамки на Светскиот ден на животната средина.