Hilal Uştuk
11 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Во организација на платформата „Модерна уметност Истанбул“, во рамките на програмата „Балканманија“, во Истанбул ќе бидат прикажани значајни филмски остварувања од балканските простори, јавува Anadolu Agency (AA).
Љубителите на седмата уметност ќе можат во Истанбул, во периодот од 20 до 30 октомври да ги погледнат најновите и најзначајни филмски остварувања од балканските простори, кои постигнале успех на светските фестивали.
Меѓу филмовите што ќе бидат прикажани се последниот филм на босанскиот оскаровец Данис Тановиќ „Смрт во Сараево“, кој оваа година влезе во потесниот избор за наградата „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје, и минатогодишниот кандидат на Македонија за наградата „Оскар“ во истиот сектор, филмот „Медена ноќ“, за кој сценариото и режијата се дело на Ива Трајкова.
Ќе биде прикажан и филмот „Сиераневада“ на романскиот режисер Кристи Пују, кој доживеа светска премиера во рамките на натпревачката програма на Канскиот фестивал, и наиде на добар прием кај публиката.
Во рамките на „Балканманија“, истанбулската публика ќе има можност да го погледне и филмот „Кучиња“ на режисерот Богдан Мирица, кој на Канскиот фестивал ја освои наградата „ФИПРЕСИ“
На репертоарот се наоѓаат и филмовите „Витез“, на грчката режисерка Атина Рејчел Тцангари, потоа љубовната приказна „Јастог“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос, со Колин Фарел, Џесика Барден и Ракел Велч.